Зошто 10.000 луѓе денес го следеа летот на еден авион?

Точка

23/07/2026

20:53

941

Големина на фонт

а а а

Тест-летот на новиот авион Ербас A350-1000УЛР наменет за идните ултра-долги линии на австралиската авиокомпанија Кантас, привлече глобално внимание.

Набргу по полетувањето од Тулуз во Франција, летот на авионот на сервисот „FlightRadar24“ го следеа повеќе од 10.000 луѓе. Станува збор за првото патување на овој тип авион кон Австралија, а во моментот на пишувањето на текстот неговото движење сè уште го следат околу 10.000 корисници.

Лета од Франција до Австралија

Авионот со ознаката АИБ35ЛР полета од Тулуз во четврток, на 23 јули, во 7:33 часот по наше време. Патувањето до Мелбурн треба да трае околу 19 и пол часа, а слетувањето се очекува во петок околу 3 часот наутро, односно околу 11 часот претпладне по локално време во Австралија. 


Проектот Санрајз за директни летови

Овој лет е дел од проектот Санрајз (Sunrise) на компанијата Кантас, чија цел е воведување директни комерцијални летови меѓу Сиднеј и Лондон. Компанијата уште во 2017 година ги најави плановите за овие линии, а во 2022 година од Ербас нарача 12 авиони А350-1000УЛР, специјално приспособени за летови што можат да траат и до 22 часа.

Официјалниот почеток на проектот Санрајз е планиран за 2027 година. Првата испорака на авионот, првично најавена за 2026 година е одложена за април 2027 година, а преостанатите 11 летала ќе пристигнуваат во следните две и пол години. Кантас планира да воспостави директни летови до октомври 2027 година, додека продажбата на билетите треба да започне во февруари истата година.


„Убедени сме дека ова ќе биде успех“, изјавила во јуни за Би-би-си извршната директорка на Кантас, Ванеса Хадсон.

Какви ќе бидат цените на овој лет?

Новите летови ќе го скратат патувањето за приближно четири часа во споредба со сегашните опции кои вклучуваат преседнување. Сепак, не се очекува билетите да бидат евтини. Авионите ќе имаат помал број седишта за да им обезбедат повеќе простор на патниците, а дури 40 отсто од капацитетот ќе биде наменет за премиум економска, бизнис и прва класа.

Хадсон истакнала дека патниците на линијата Лондон – Перт веќе покажале дека се „подготвени да платат повеќе“ за погодноста на директен лет, па затоа се очекува сличен интерес и за новите линии.

Здравјето и удобноста на прво место

За да се намалат здравствените ризици поврзани со долгото седење, како што е венската тромбоза, Кантас воведува специјална „велнес зона“. Сместена меѓу премиум економската и економската класа, таа ќе им нуди на патниците простор за движење и вежби за истегнување, осмислени во соработка со Центарот Чарлс Перкинс.


За време на летот светлата во кабината ќе бидат изгасени околу 12 часа за да им се олесни спиењето на патниците и да се намали ефектот од временската разлика (џет-лег). Седиштата во економската класа нема да можат целосно да се спуштат во лежечка положба, но ќе бидат опремени со полица за лични уреди, како мобилни телефони и таблети, како и со екран од 13,3 инчи за забава.

Ќе биде најдолгиот лет во светот

Откако ќе биде воспоставена, линијата Сиднеј – Лондон ќе ја преземе титулата за најдолг комерцијален лет во светот, која моментално ја држи Сингапур Ерлајнс на рутата Сингапур – Њујорк.

За споредба, првиот лет на Кантас меѓу Лондон и Сиднеј во 1947 година траел четири дена и вклучувал седум застанувања. Напредокот постигнат оттогаш наваму покажува колку драматично се трансформирал воздушниот сообраќај.