Кукуреља прави сè за својот син со аутизам: „Патам затоа што не знам како да му помогнам“

Точка

24/07/2026

14:21

642

Големина на фонт

а а а

Марк Кукуреља повторно е во центарот на вниманието на шпанската јавност. Откако беше еден од најважните играчи на Шпанија на патот до светската титула, во јавноста се појавија бројни видеа во кои шпанскиот фудбалер зборува за односот со својот четиригодишен син Матео.

Кукуреља и неговата сопруга Клаудија Родригез во последно време јавно ги споделуваат своите искуства, а шпанскиот репрезентативец се расплака за време на едно телевизиско гостување. Зборувајќи за својот син, призна дека му е тешко да ги пронајде вистинските зборови.

„Ова е првпат да зборувам за ова и навистина ми е многу тешко. Многу патам, не знам како да му помогнам, особено кога ќе го видам дека не е добро. Емотивен сум … Морам да зборувам за тоа и за ова искуство“, изјави Кукуреља.

Потоа се обиде да продолжи, но емоциите го совладаа: „Ова е тема што, искрено, ме прави многу чувствителен. Но, среќен сум што сум тука, бидејќи ова е првпат да зборувам за тоа и да го споделам своето искуство. Еве, гледате што ми направивте … Извинете“, додаде тој.

Кукуреља и Клаудија, покрај Матео, ги имаат и ќерката Бела и синот Рио. Неговата сопруга претходно зборуваше за тоа колку на семејството му било тешко во првите месеци, особено додека барале соодветна средина и поддршка за својот син.


„Матео се роди пред четири години и забележавме некои работи што беа поинакви отколку кај другите деца. Не добивме многу помош од градинката, тоа беа најтешките месеци. Секојпат кога го остававме таму, плачевме“, раскажа Клаудија.

Таа објасни дека многу работи во меѓувреме се промениле, но дека секојдневниот живот и понатаму бара посебно приспособување: „Не е лесно да се пронајде соодветно место за училиште, терапија и исхрана. Матео нè научи многу. Постојано мораме да мислиме на него. Некои работи што не се добри за него едноставно не можеме да ги правиме. Одморите секогаш се тешки“, порача таа.


Токму Матео, според пишувањата на шпанските медиуми, бил еден од најважните фактори во одлуката на Кукуреља околу трансферот. Левиот бек ова лето го напушти Челзи и се пресели во Реал Мадрид, а еден од условите бил неговото семејство во Мадрид да добие најдобри можни услови за нивниот син.

Кукуреља откри и еден особено трогателен детаљ. Својата препознатлива долга коса не сака да ја скрати, бидејќи сака Матео полесно да може да го препознае на теренот. По големото спортско лето, во кое со Шпанија стигна до светската титула, Кукуреља сега на јавноста ѝ ја покажа и својата друга, многу поинтимна страна од животната приказна.