Ристовски распали без влакна на јазикот за тажните сцени од „Тодор Проески“: Еве зошто пропаѓа фудбалот во Македонија

Дерби

23/07/2026

08:34

906

Големина на фонт

а а а

Стефан Ристовски е име кое му помогна на Вардар во најтешките моменти и играч кој е вардарово дете од младинската школа на скопската гордост, но во период кога од дистанца ги следи случувањата во македонскиот фудбал, поранешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација не пропушти шанса да ги искоментира тажните глетки од „Тодор Проески“.

Босанските медиуми им фаќаа сеир на македонските фанови по натпреварот со Купс во првото квалификациско коло во Лигата на шампиони и заклучија дека македонскиот великан Вардар веќе не полни стадиони, а скромната посетеност на натпреварот од второто квалификациско коло во Конференциската лига против Рига сега го натера Ристовски да се огласи без влакна на јазикот.

Искусниот дефанзивец испрати емотивна порака на социјалните мрежи и искажа загриженост поради фактот што полека се губи фудаблската култура во нашата земја, особено во ситуација кога Вардар се врати во Европа после неколку години.

Вардар прослави 79-ти роденден на натперварот против Рига на кој загуби со 2:3, но наместо да зборува за резултатот, Ристовски се осврна на тажните глетки и скромната постеност на трибините на националната арена во Скопје.

– 79 години традиција. 79 години име кое оставило трага во македонскиот фудбал. А денес? Наместо стадионот да биде полн барем од почит кон клубот и неговиот роденден, повторно повеќе ги има тие што бараат маани отколку тие што даваат поддршка. Секогаш нешто не чини – управата, играчите, резултатите, цената на билетот, терминот… Изговорите никогаш не недостасуваат. Само луѓето на трибините ги нема.

– Најтажно од сe не е што има празни седишта. Најтажно е што полека ја губиме културата на фудбалот. Заборавивме дека клубовите не се сакаат само кога освојуваат трофеи. Не се сакаат само кога победуваат. Не се сакаат само кога сe е совршено. Тие се поддржуваат и кога е тешко, затоа што токму тогаш поддршката има најголема вредност.

– Денес не требаше да се слават само 79 години од постоењето на Вардар. Денес требаше да се покаже почит кон една институција на македонскиот фудбал. Наместо тоа, повторно најгласни беа оние што натпреварот го следат од телефон и подоцна ќе објаснуваат што требало да се направи. А потоа сите ќе се прашуваме зошто фудбалот во Македонија пропаѓа. Не пропаѓа само поради резултатите или организацијата. Пропаѓа затоа што полека исчезнува чувството дека клубот е повеќе од 90 минути. Исчезнува навиката да се биде на трибина. Исчезнува почитта кон историјата. А без тоа, нема ниту атмосфера, ниту традиција, ниту иднина, – потенцира Ристовски.