Дејвид Бекам уште еднаш докажа дека неговото име одамна ги надминало границите на фудбалскиот терен. Легендарниот англиски фудбалер беше една од најголемите ѕвезди на Светското првенство 2026, но не само поради појавувањата на трибините и во ВИП ложите, туку и поради неверојатната заработка што ја оствари за време на турнирот.
Според проценките на пазарните аналитичари, Бекам за време на Мундијалот инкасирал околу 22 милиони евра, со што стана најплатената јавна личност поврзана со шампионатот.
Оваа сума добива уште поголема тежина кога ќе се спореди со заработката на други големи имиња кои беа дел од спектаклот. Бекам ги надмина дури и светските музички ѕвезди како Шакира, која за време на турнирот заработила околу 17,4 милиони евра, како и Џастин Бибер, чиј приход се проценува на околу 13,9 милиони евра.
Поранешниот капитен на Англија беше речиси неизбежен дел од Светското првенство. Присуствуваше на бројни натпревари, се појавуваше во рекламни кампањи на големи компании како „McDonald’s“, „Walkers“ и „Stella Artois“, а неговиот препознатлив „Brand Beckham“ уште еднаш ја покажа својата огромна вредност.

Бекам заработил повеќе од англиските фудбалери
Колку е импресивна неговата заработка најдобро покажува податокот дека Бекам за време на Мундијалот инкасирал дури 9,3 милиони евра повеќе отколку целата репрезентација на Англија за освоеното трето место.
Фудбалската асоцијација на Англија добила околу 25,5 милиони евра од наградниот фонд на Светското првенство, а дел од тие средства биле распределени меѓу играчите и стручниот штаб. Фудбалерите поединечно добиле меѓу 405.000 и 487.000 евра.
Пазарната моќ на Бекам не е изненадување. Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид со години гради глобален бренд, а дополнителна популарност во Соединетите Американски Држави стекна како косопственик на Интер Мајами.
Неговото име денес претставува една од најмоќните спортски маркетинг-платформи во светот.

„Brand Beckham“ вреди милијарди
Бекам и неговата сопруга Викторија заедно поседуваат богатство што се проценува на околу 2,15 милијарди евра, а нивното презиме одамна стана многу повеќе од фудбалски симбол.
Експертот за брендирање Ник Ед објасни зошто компаниите и понатаму вложуваат огромни суми во Бекам.
„Глобалните брендови имаат доверба во неговото презиме, неговото влијание на социјалните мрежи и неговата меѓународна препознатливост. Кога ќе се појави на настан што го следат неколку милијарди луѓе, неговата маркетиншка вредност дополнително расте“, изјави Ед.











