[ВИДЕО] Мрачно предупредување на хрватскиот астроном: „Ако продолжиме вака, ќе нè нема – младите избираат патувања наместо деца“

Точка

22/07/2026

18:11

423

Големина на фонт

а а а

Корадо Корлевиќ, познатиот хрватски астроном, привлече внимание во јавноста со тврдењето дека на човештвото не му се заканува уништување од војни, туку од драстичниот пад на наталитетот, бидејќи новите генерации избираат удобен живот наместо раѓање деца.

Корлевиќ, кој е хрватски астроном и едукатор, уште еднаш успеа да ја заинтригира јавноста. Тој во разговорот со Александар Станковиќ, во едно од најзабележителните интервјуа, го пренасочи вниманието од секојдневните политички тензии кон друг проблем, а тоа е исчезнувањето на човечкиот вид поради губењето на желбата за создавање потомство.

Станковиќ, претставувајќи го разговорот на социјалните мрежи, изјави дека Корлевиќ е човек со огромно знаење кој умее да го пренесе на разбирлив начин. Додаде дека гостинот бил поканет за да укаже на проблемите на иднината, пред сè на тоа дека општеството посветува премногу внимание на минатото, а премалку на образованието и подготовката за предизвиците што доаѓаат, пишува „Nova“.


„Ако продолжиме така, за сто години повеќе нема да нè има“, порача Корлевиќ.

Во разговорот посебно го издвои падот на наталитетот како еден од најголемите проблеми на современиот свет.

„Денешните генерации сè почесто избираат живот без родителство. Полесно е да се живее без деца. Можеш да патуваш, да правиш што сакаш или да го поминеш целиот ден играјќи видеоигри, а да немаш обврски што ги носи родителството“, рече Корлевиќ.

Според неговите зборови, човештвото се приближува кон период во кој бројот на жители ќе почне нагло да опаѓа.


„За педесетина години ќе започне падот на светската популација. Ако се остварат најпесимистичките проекции, дури и без големи војни, до крајот на овој век на Земјата би можеле да живеат околу две милијарди луѓе. Хомо сапиенс стигна до точка кога почнува да исчезнува, а притоа никој однадвор не го уништува“, предупреди астрономот.

Корлевиќ во емисијата се осврна и на сè посложената геополитичка ситуација. Говорејќи за конфликтите на Блискиот Исток и промените во меѓународните односи, оцени дека светот влегува во период на создавање нови центри на моќ, додека актуелните кризи го менуваат глобалниот поредок.

Во продолжение можете да го погледнете целото интервју: