Министерот за правда Јетон Шасивари и заменик министерот Ален Деребан остварија средба со амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас каде се дискутираше за реформите во правосудството и улогата на ЕУ како стратешки партнер во евроинтегративниот процес.
Министерот за правда Јетон Шасивари и заменик на министерот за правда Ален Деребан се сретнаа со амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, на која беше разговарано за тековните реформски процеси во правосудството и напредокот на државата во евроинтегративниот процес.
Министерот Шасивари ја истакна посветеноста на Министерството за правда кон спроведувањето на реформите во согласност со препораките на Европската комисија, со посебен акцент на владеењето на правото и исполнувањето на обврските од Реформската агенда и Кластерот „Фундаментални вредности“.
На средбата беше разговарано и за имплементацијата на Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, како и за активностите што се реализираат со поддршка на Европската Унија преку ИПА-проектите за зајакнување на правосудниот систем и неговата дигитализација.
Изразена е благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија во спроведувањето на реформите која има значајна улога во зајакнувањето на институциите, унапредувањето на владеењето на правото и забрзувањето на европската интеграција на Република Северна Македонија. Во таа насока, беше истакната и потребата од експертска помош од Европската Унија во реформите на кривичното законодавство.
На средбата беше потврдена заедничката заложба за продолжување на партнерската соработка и интензивирање на реформските процеси во правосудството во насока на унапредување на неговата функционална независност во согласност со европските стандарди и реформските приоритети на државата.











