„Ми велат дека три пати сум се онесвестил, лицето ми било деформирано од притисокот“: Драматична исповед на Србинот кој за малку ќе испаднеше од авион на „Ryanair“

Точка

22/07/2026

17:30

602

Големина на фонт

а а а

Српскиот претприемач Љубиша Каровиќ за првпат проговори за драматичниот инцидент на летот на „Ryanair“ од Грција кон Германија, кога за време на летот, по пукањето на прозорецот, бил делумно извлечен од авионот. Единаесет дена подоцна вели дека и понатаму го прогонува звукот на експлозијата што му претходел на хаосот.

„Експлозијата е она на кое што се сеќавам. Тоа е звук што ми се враќа секогаш кога ќе ги затворам очите“, рекол Каровиќ во разговор за „The Guardian“.

Со ортопедска крагна околу вратот и видливи повреди на десната рака и градите, 61-годишниот претприемач вели дека е свесен колку среќа имал.

„Жив сум и тоа е најважно. Веројатно ме спаси појасот бидејќи бев врзан, а можеби едноставно тоа била судбината. Верувам во Бог и секој ден му се заблагодарувам“, рекол тој.

Од болница бил пуштен пред неколку дена, но закрепнувањето ќе биде долго. Неговиот грчки адвокат Василис Цијарас смета дека Каровиќ „останал жив само по чиста среќа“.

„Кога кабината го изгубила притисокот, тој бил извлечен низ скршениот прозорец до градите и веднаш ја изгубил свеста. Авионот летал со брзина поголема од 600 километри на час на височина од околу 15.000 метри. Ѝ погледнал на смртта во очи и се вратил“, рекол адвокатот.

Сопругата Светлана, која седела неколку редови зад него, раскажала дека патниците веднаш притрчале да помогнат.

„Еден патник, мислам дека беше Албанец, направи сè за да го повлече назад во авионот. Најпрво се обиде со торба да го затвори отворот, но воздухот веднаш ја исфрли, па потоа го употреби куферот, што успеа. Бескрајно сме му благодарни“, рекла таа.


Додала дека глетката на нејзиниот сопруг, кој бил „половина во авионот, а половина надвор од него“, траела меѓу една и пол и две минути.

Каровиќ вели дека не се сеќава на многу работи бидејќи повеќепати ја губел свеста.

„Ми рекоа дека двапати сум се онесвестил во авионот, а лицето ми било отечено и деформирано поради наглата промена на притисокот. На тоа не се сеќавам, сопругата ми раскажа“, навел тој.

Неговиот адвокат го опишува овој издржлив татко на две деца како „жив по грешка“.

„Љубиша бил на работ на смртта“, вели тој.


Адвокатот тврди дека екипажот бил обземен од страв и дека патниците биле тие што му пружиле прва помош.

Од друга страна, „Ryanair“ ги отфрла овие тврдења и наведува дека кабинскиот персонал постапил во согласност со процедурите. Од компанијата соопштиле дека при наглото спуштање сите морале да останат врзани и со маски за кислород, а дека штом авионот достигнал безбедна височина, екипажот го преместил Каровиќ покрај сопругата, обезбедил лекар меѓу патниците и организирал медицинска помош по слетувањето во Солун.

Каровиќ, сопственик на фабрика за алуминиум во Србија и долгогодишен чест патник, вели дека по сè што се случило тешко може да замисли повторно да влезе во авион.


Лекарите му наложиле најмалку шест недели да носи крагна, по што ќе одлучат дали е потребна операција.

„Сакам да закрепнам. Сликите и звукот на експлозијата постојано ми се враќаат. Очекувам и соодветна отштета, а не само е-пошта за промена на резервацијата на летот“, рекол тој.

На крајот имал само една порака за сите патници:

„Секогаш врзувајте го појасот. Не би сакал никој да го доживее она што ми се случи мене“.