Неверојатно откритие во родното место на Хитлер: Девојче пронашло коска, археолозите ископале 120 скелети

Точка

21/07/2026

17:15

524

Големина на фонт

а а а

На градилиште во Рансхофен, една од населбите во градот Браунау на Ин, девојче додека си играло случајно пронашло човечка коска.

Тоа довело до понатамошни археолошки ископувања, а по само неколку недели археолозите откриле вкупно девет масовни гробници со посмртни останки на дури 120 млади мажи, пишува „Heute“.

„Ова е несекојдневно откритие. Единствено е во цела Австрија, па дури и во цела Централна Европа. Ниту ние самите не го очекувавме. Станува збор исклучиво за млади мажи. Некои лежат на стомак, а некои на страна, што покажува дека едноставно биле фрлени во гробниците. Според досегашните податоци, на површина од околу 150 квадратни метри пронајдовме 120 лица“, изјавила за „Kronen Zeitung“ Михаела Биндер, раководителка на ископувањата од компанијата „Novetus“.


Според досегашните сознанија, посмртните останки потекнуваат од периодот на Наполеоновите војни, од почетокот на 19 век. Истовремено, експертите претпоставуваат дека овие мажи не загинале во борба. Сите биле на возраст меѓу 15 и 25 години.

„Немаме никакви индиции за тоа како загинале – нема траги од повреди предизвикани од огнено оружје. Сепак, на еден од мажите непосредно пред смртта му била ампутирана потколеницата“, изјавила археологинката.

Поради тоа, можно е да станувало збор за воена болница или полски логор.


Ископувањата треба да завршат оваа недела. Потоа коските ќе бидат исчистени и детално анализирани.

„Во моментов сè уште е тешко да се каже кои биле овие луѓе и од каде потекнувале“, нагласила Биндер.

Браунау на Ин, во чиј состав е и населбата Рансхофен е познат како родното место на нацистичкиот водач Адолф Хитлер.