Кошаркарската Федерација на Македонија прави сериозни напори за да ги едуцира тренерите од нашата земја за да достигнат уште повисоко ниво на светска и интернационална сцена, а поради тој повод, сега најави проект од кој ќе биде вкличен и еден од најдобрите тренери од Европа на сите времиња.
Славниот Светислав Пешиќ ја заврши својата обврска како селектор на Србија минатата година и по крајот на оваа сезона се збогуваше и со Баерн Минхен, па слободното време сега ќе го искористи за да пристигне во Скопје и да ги едуцира македонските тренери во месец август.
Кошаркарската Федерација на Македонија со големо задодволство ја извести јавноста дека популарниот Кари ќе биде специјален гостин во Скопје на 24 и 25 август, а присуството ќе биде задолжително за сите тренери.
– Кошаркарската федерација на Македонија ги известува сите македонски тренери дека годинашната задолжителна тренерска клиника ќе се одржи на 24 и 25 август во Скопје, а главен предавач ќе биде еден од најтрофејните и највлијателни европски кошаркарски стручњаци – Светислав Пешиќ. Станува збор за тренер чија кариера повеќе од четири децении претставува синоним за врвни резултати, лидерство и кошаркарско знаење.
– Член на Куќата на славните на ФИБА, европски и светски шампион со репрезентации, освојувач на титулата во Евролигата и еден од најпочитуваните тренерски авторитети во светската кошарка. Пешиќ своето богато искуство ќе го пренесе на македонските тренери преку дводневна стручна едукација. Клиниката е наменета за сите македонски кошаркарски тренери, а присуството е задолжително, бидејќи претставува еден од основните услови за добивање тренерска лиценца за натпреварувачката сезона 2026/27.
– Во текот на двата дена, учесниците ќе имаат можност непосредно да се запознаат со современите тренерски принципи, методологијата на работа и филозофијата на еден од најуспешните европски стратези, што претставува исклучителна можност за стручно усовршување на македонската тренерска фела. Дополнителни информации во врска со програмата на клиниката, местото на одржување и начинот на пријавување ќе бидат објавени во наредниот период, – гласи соопштението на КФМ.











