Минималистичкиот велосипед на „Tesla“, изработен со магнезиумска рамка, предизвика огромен интерес кај купувачите, иако неговата цена е значително повисока од повеќето конкурентски модели.
„Tesla“ претстави ново возило, но овојпат наменето за најмладите. Станува збор за велосипед за рамнотежа, без педали, мотор и сопирачки, кој и покрај високата цена од 225 долари беше распродаден веднаш по почетокот на продажбата.
Како што наведува „Tesla“ на својата официјална страница, велосипедот е наменет за деца на возраст од две до пет години, а се одликува со магнезиумска рамка и минималистички дизајн, по кој производите на компанијата се препознатливи. Седиштето може да се адаптира во пет различни позиции, за да одговара на растот на детето.

Компанијата не откри колку примероци биле произведени во првата серија, но познато е дека целосно се распродала и придружната маица со логото на „Tesla“, чија цена изнесувала 30 долари.
Поради големиот интерес, „Tesla“ најави нова производствена серија, а преднарачките треба да започнат на 31 јули. Треба да се спомене дека компанијата засега не најавила продажба на европскиот пазар, па велосипедот моментално е достапен исклучиво во САД, преку „Tesla Shop“.

Ова не е првиот производ што „Tesla“ го наменува за најмладите. Компанијата уште во 2021 година го претстави „Cyberquad for Kids“, детски електричен ATV, инспириран од дизајнот на „Cybertruck“.
Возилото првично предизвика голем интерес, но во 2022 година беше повлечено од американскиот пазар поради отповикување, затоа што не ги исполнувало безбедносните стандарди за детски ATV возила.








