Столе Димитриевски дочека одлични моменти на професионален план и тоа е сосема заслужено после импресивните шест-седум месеци кои ги остави зад себе, а шлаг на тортата за македонскиот чувар на мрежата ова лето беше „двојната венчавка“ која се случи во период од 30-тина дена.
Македонскиот чувар на мрежата доби нов договор од Валенсија и стави потпист на нова двегодишна соработка, но пред да се врати на пресезонските подготовки, Столе го стави и најважниот потпис на еден документ, оној со кој и обврза верност и љубов на својата сакана.
Димитриевски се ожени и направи убава свадбена церемонија, па со оглед на тоа што се врати на подготовките во најдобро можно расположение, Столе направи и ексклузивно интервју за „Супердепорте“, медиумот кој е будно ги следи сите случувањата во првиот тим на Валенсија.
Во разговорот кој е објавен на дигиталната верзија на медиумот, Столе добива честитки за „двојната венчавка“ која ја официјализираше ова лето, а моментот кога продолжи договор со Валенсија го означи како најважно достигнување во досегашната професионална кариера.
– Точно е, прво се венчав со Валенсија, а сега и со мојата сопруга. За мене едно од најважните нешта во животот беше можноста да го продолжам договорот со Валенсија и потоа да го поминам најсреќниот и најубавиот ден во животот со мојата сопруга. Многу сум среќен и задоволен од двете работи кои ми се случија во кратко време.
– Обновувањето на договорот со Валенсија е едно од најважните нешта кои сум ги постигнал во животот. Тоа е нешто што отсекогаш сум го сакал, сум копнеел да играм за ваков клуб. Знам каква историја и какви навивачи има Валенсија и сето тоа ми значи многу. Останувањето и новиот договор е најважно лично достигнување на професионален план во мојата кариера.
– Зборувам за ова и со многу мои блиски пријатели. Останувањето во Валенсија е сон за мене. Престојот тука ми е како сон, некогаш се прашувам дали сонувам, но потоа ги отворам очите и сфаќам дека навистина сум во Валенсија. За мене сето ова е сон кој се остварува, сон кој го живеам, – порача Столе, кој е посебно среќен што навивачите на клубот го прославија неговиот нов договор како да станува збор за ново засилување.
– Навивачите ме поддржуваат од прв ден и отсекогаш се однесуваа неверојатно добро кон мене. Се што успеав да направам досега не е доволно. Би сакам да им вратам уште повеќе и да доживеам важни работи на кои ќе се радуваме сите. Благодарен сум на поддршката која ми ја даваат, сакам да ги видам како уживаат, исто како што уживам јас секој ден во Валенсија, – изјави Столе, кој чувствува дека полека го достигнува врвот во својата кариера.
– Без сомнение ги оставив најдобрите шест месеци зад мене, се чувствувам многу силно на физички и ментален план. Изминатава сезона го достигнав својот врв, но би сакал да работам уште понапорно и да достигнам уште повисоко ниво во сезоната која претстои. Сакам да донесам уште многу поени за мојот тим, – заврши македонскиот чувар на мрежата.










