Англичаните воведуваат ново правило: Целта е да се спречи одолговлекувањето

Точка

28/07/2026

09:31

435

Големина на фонт

а а а

Англискиот фудбал од сезоната 2026/27 започнува со тестирање ново правило со кое сака да му стави крај на одолговлекувањето на играта.

Откако Меѓународниот одбор на фудбалските асоцијации „IFAB“ даде зелено светло, во натпреварувањата под покровителство на Англиската фудбалска асоцијација експериментално ќе се применува мерка според која екипата привремено ќе остане со десетмина фудбалери доколку играта биде прекината поради повреда на голманот.

Целта е да се спречат сè почестите ситуации во кои голманите се обвинуваат дека симулираат повреди за да го забават натпреварот, да го нарушат ритамот на противникот или да им овозможат одмор на соиграчите.


Според правилото што ќе се тестира во „Premier League“, „EFL“ и женската „Super League“, тренерот по прекинот ќе има десет секунди да избере играч кој привремено ќе го напушти теренот. Тој фудбалер ќе може да се врати дури откако ќе помине најмалку една минута од продолжувањето на играта.

Сепак, постојат и исклучоци. Екипата нема да остане со играч помалку ако голманот се повредил во судир со друг играч или ако крвави, односно во ситуации кога станува збор за вистинска и сериозна повреда.


Тоа не е единствената новина со која Англичаните сакаат да го зголемат ефективното време на игра. Од новата сезона судиите, со одбројување на последните пет секунди, ќе ги предупредуваат играчите што одолговлекуваат со изведувањето аут или гол-аут.

Се засилува и контролата на замените. Играчот што излегува од игра ќе мора да го напушти теренот во рок од десет секунди, со што се настојува да се спречи намерното забавување во завршниците на натпреварите. Ова правило ќе стапи во сила уште на почетокот на август, на натпреварите од „Carabao Cup“.


Англија не е единствената што разгледува промени. Слични предлози за поефикасно управување со времето проучуваат и други натпреварувања, меѓу кои и австралиската „A-League“. Иако одредени фудбалски работници изразија загриженост поради можното влијание врз безбедноста на играчите, челниците на англискиот фудбал сметаат дека е неопходно да се пронајде начин да се намали бројот на тактички прекини и да се забрза играта.

Во текот на сезоната 2026/27, Англиската фудбалска асоцијација и „IFAB“ ќе ги следат резултатите од експериментот, по што ќе одлучат дали новото правило ќе стане дел од официјалните фудбалски правила.