Додека сите играат за милиони, Халанд и соиграчите избираат еднаквост со дамите: Потег вреден за восхит

Точка

16/07/2026

16:54

397

Големина на фонт

а а а

Светското првенство во фудбал е вистинска можност да се привлече вниманието кон ситуации кои инаку би поминале „под радарот“, но и вистински момент да се потсетиме на неверојатниот потег за еднаквост на фудбалската репрезентација на Норвешка.

За фудбалската репрезентација на Норвешка и нивната елиминација од Светското првенство, но и за она што го направија на Мундијалот, ќе се зборува со денови. Тимот кој беше на чекор од полуфиналето, екипата која на трибините собра уникатни навивачи, кои секој момент го користеа за да „веслаат“, едноставно беше посебна.

А дури и она што го правеше нивниот најдобар поединец, Ерлинг Халанд, и какво влијание има тој врз екипата, е нешто што се прошири надвор од спортските граници и рамки.

Имено, додека се игра шампионатот во Америка, Мексико и Канада, странските медиуми потсетија на потегот на Норвежаните од 2017 година, кога потпишаа договор за еднаквост.


Додека многумина го користат секој момент за да издејствуваат поголеми приходи и подобри договори, тие играа за еднаквост со дамите!

Малку која фудбалска тема во последните денови предизвика толку големо внимание, а потоа во приказната за еднаквоста се вклучија и навивачите.

Станува збор за договор на Норвешкиот фудбалски сојуз (NFF), кој беше потпишан уште во 2017 година, а повторно стана вирален на социјалните мрежи по историскиот пласман на Норвешка во четвртфиналето на Светското првенство. Според тој договор, машката репрезентација се откажала од 550.000 норвешки круни (околу 70.000 американски долари) од сопствените комерцијални и маркетиншки приходи, а тие средства биле пренасочени во фондот на женската репрезентација.

Многу навивачи ги пофалија Ерлинг Халанд, Мартин Едегор и остатокот од репрезентацијата поради тоа што го искористија вниманието што го донесе Светското првенство за да го поддржат женскиот фудбал.

Навивачите се воодушевени од овој потег, а еден навивач на социјалните мрежи го пофали Халанд.

„Токму поради ова Ерлинг Халанд е икона на својата генерација. На клупско ниво заработува милиони, а својата популарност во репрезентацијата ја користи за да го промовира женскиот фудбал. Тоа покажува вистинска класа и лидерство“.

Поделени мислења

Меѓутоа, иако многумина го поддржуваат овој потег, други сметаат дека со тоа суштински не се решава проблемот со рамноправноста.

Критичарите наведуваат дека приходите од Мундијалот се мерат во милијарди, додека женските првенства остваруваат значително помали приходи и, како што истакнуваат, според нивното мислење, на жените не им е потребна финансиска помош од машките репрезентативци, туку поголема медиумска застапеност, подобри спонзорски договори и поголеми вложувања за и самите да остваруваат поголеми приходи.


Примерот на Норвешка го следи и Америка

Машката фудбалска репрезентација на САД (USMNT) исто така го примени моделот на поделба на приходите со женската репрезентација.

По елиминацијата во осминафиналето на Светското првенство, машката репрезентација на САД доби награда од приближно 12,8 до 16 милиони долари, од кои Фудбалскиот сојуз на САД издвои околу 6,5 милиони долари за женската репрезентација (USWNT).