Аргентинската новинарка Мелина Моријатис преживеала обид за напад во хотел во Атланта.
Вистински кошмар ја снашол аргентинската спортска новинарка и позната инфлуенсерка Мелина Моријатис, која преживеала обид за сексуален напад во Атланта, каде што отпатувала за да известува од полуфиналниот натпревар на Светското првенство меѓу Аргентина и Англија.
Престојот во хотелот „Comfort Inn“ се претворил во хорор во раните утрински часови, а Моријатис, која на „Instagram“ има повеќе од 680.000 следбеници, со јавноста ги споделила вознемирувачките детали од инцидентот.
Драмата започнала по нејзиното враќање од аеродромот. Додека ги завршувала формалностите на рецепцијата, забележала сомнителен маж кој почнал да ја следи во чекор. Напаѓачот тргнал по неа и влегол во лифтот, но новинарката реагирала во дел од секундата – успеала да излезе од кабината непосредно пред да се затворат вратите и побегнала назад кон персоналот на хотелот за да побара помош.
„Синоќа преживеав обид за злоставување овде во Атланта, или можеби нешто многу полошо. Неколку Аргентинци ми го спасија животот“, изјавила видно потресената Мелина во видео објавено на социјалните мрежи.

Во тој критичен момент на помош ѝ притрчале четворица аргентински навивачи – Гонсало Перез, Хуан Игнасио Туркато, Николас Томасини и Фран Идалго. Момчињата од Сан Хуан, кои допатувале во Соединетите Американски Држави за да ја бодрат својата репрезентација, веднаш формирале жив штит околу преплашената новинарка.
Повеќе од половина час го држеле агресивниот напаѓач под контрола и не му дозволувале ниту да ѝ се приближи, сè додека пред хотелот не пристигнала полициска патрола.
„Беше целосно растроен, најверојатно под силно дејство на дрога. Зборуваше сам со себе. Не сте свесни колку опасна може да биде таква личност“, изјави Туркато за медиумите.

















