СДСМ за реконструкцијата: Прегрупирање на луѓе кои веќе две години ја водат државата во криза

Макфакс

14/07/2026

08:50

239

Големина на фонт

а а а

Статијата опишува дебатата во Собранието за реконструкцијата на Владата, каде СДСМ ја критикува како прегрупирање на луѓе кои ја водат државата во криза и ги истакнува економските и политички проблеми поради кои ситуацијата не се подобрува.

Вчера во Собранието се водеше расправа за таканаречената реконструкција на Владата. Мицкоски зборуваше за „нова енергија и ново темпо“, додека во реалноста се работи за козметички потези кои не ја менуваат суштината. Ова не е реконструкција која носи одговорност туку е прегрупирање на луѓе кои веќе две години ја водат државата во криза, велат од СДСМ.

Од партијата обвинија дека економијата тоне, буџетот е празен, европскиот пат е блокиран, а граѓаните се соочуваат со секојдневно поскапување.

„Наместо да се соочи со сопствените неуспеси, Мицкоски прави театар во Собранието. Прво со Изборниот законик, сега со реконструкцијата. Наместо да признае дека нема пари и дека не може да го издржи мандатот, се обидува да создаде привид на активност.  Особено е цинично што дел од владејачкото мнозинство се впушта во навреди на пратеници од опозицијата. Во тоа директно учествува и Мицкоски. Неговиот прв соработник, Иван Стоилковиќ, како претставник на „српскиот свет“, предничи во навредите, дури и отворено псуе пратеници од опозицијата во Собранието. Со тоа ја понижуваат највисоката институција во државата, а со тоа и граѓаните. Тоа не е сила, туку слабост“, велат од СДСМ.

Од опозициската партиј тврдат дека Мицкоски сака предвремени избори и дека, како што велат, тој повеќе не може да ги крие неуспесите, но му треба алиби.

„Веќе рече дека нема да има предвремени избори, па сега прави реконструкција, а паралелно создава хаос во Собранието за да има причина да ги распише. Сценариото е јасно: или преку некоја сателитска партија, или преку инциденти во парламентот, се обидува да си обезбеди изговор. Реконструкциите и преименувањата не ја решаваат кризата. Граѓаните веќе сè знаат. Лагите и празните ветувања повеќе не поминуваат“, велат од СДСМ.