Трамп: Во тек се преговори со Иран, ова е нивната последна шанса за договор

Макфакс

03/08/2026

20:50

186

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп потврдува дека преговорите со Иран се во тек, истакнувајќи дека ова е последна шанса за потпишување на договор. Главната тема е отворањето на Ормускиот Теснец и контрола врз тој стратешки поморски премин.

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека преговорите со Иран се во тек, и покрај информациите дека тие се прекинати.

Според него, разговорите се водат на барање на Иран и имаат поддршка од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и други земји.

Трамп истакна дека Иран овојпат не го негира постоењето на преговорите, но не сака јавно да ги потврди.

„Од некоја причина, додека разговараат, не сакаат јавно да кажат дека го прават тоа“, рече Трамп.

Тој додаде дека ова е последната можност за Техеран да постигне договор.

„Ова им е последна шанса да потпишат квалитетен документ. Преговорите ќе завршат брзо, на еден или на друг начин. Тоа не е ништо премногу комплицирано“, порача Трамп.

Трамп изјави дека главна тема на разговорите е отворањето на Ормускиот Теснец.

„Разговараме за тоа теснецот утре да се отвори и да биде целосно прооден. Потоа ќе разговараме за иранските нуклеарни капацитети“, појасни тој.

Воедно испрати и остра порака во врска со контролата врз овој стратешки поморски премин.

„Нема да му дозволам на Иран да наплаќа премин. Ако некој ќе наплаќа, тоа ќе бидеме ние. Имаме целосна контрола“, заклучи Трамп.