Група од речиси 200 економисти, научници и технолошки лидери, меѓу кои 15 добитници на Нобелова награда и главните економисти на „OpenAI“ и „Anthropic“, повикуваат на итна реакција поради сè поголемото влијание на вештачката интелигенција. Сепак, и покрај драматичниот наслов на нивната заедничка изјава – „Мораме да дејствуваме сега“ – документот не содржи ниту еден конкретен законски предлог.
Редок консензус
Речиси 200 економисти, научници и технолошки лидери потпишаа заедничка изјава во која предупредуваат дека вештачката интелигенција би можела да ја трансформира светската економија побрзо од која било технологија во историјата и дека носителите на политички одлуки мора да реагираат без одлагање.
Изјавата ја потпишала група која многу ретко се обединува околу ист став: 15 нобеловци, истакнати инвеститори и, меѓу другите, главните економисти на двата водечки AI лаборатории – „OpenAI“ и „Anthropic“.
Меѓу потписниците се Џек Кларк, коосновач на „Anthropic“, Ерик Шмит, поранешен извршен директор на „Google“, како и инвеститорот Винод Косла. На листата се и Дарон Аџемоглу и Сајмон Џонсон, професори на МИТ и добитници на Нобеловата награда за економија, кои до неодамна беа познати како скептици кон тврдењата за брзото влијание на вештачката интелигенција.

Губење на работни места
Во изјавата се наведува дека влијанието на AI потенцијално може да биде поголемо и од Индустриската револуција, но концентрирано во многу пократок временски период. Потписниците го опишуваат овој процес како „цунами што доаѓа“.
Технолошките лидери веќе подолго време предупредуваат на можноста за масовно губење на работни места, додека економистите традиционално сметаа дека ваквите промени се случуваат постепено и дека пазарот на трудот со текот на времето успева да ги апсорбира.
Фактот што дел од експертите кои досега повикуваа на смиреност сега ја потпишуваат оваа иницијатива претставува значајна промена во нивниот став.

Покрената дигитална платформа и веб-страница
Иницијативата и собирањето потписи ги организирала група истакнати економисти, предводени од Ерик Бринјолфсон од Универзитетот Стенфорд, односно „Stanford Digital Economy Lab“, во соработка со професори од МИТ и други институции.
Бидејќи потписниците се распоредени низ целиот свет – од универзитетите во Бостон и Калифорнија, па сè до експерти кои работат во лаборатории како „OpenAI“ и „Anthropic“ – писмото не било потпишано на физички собир. Наместо тоа, била создадена дигитална платформа и официјалната веб-страница „wemustactnow.ai“, преку која била координирана целата иницијатива.
Краткорочен шок за економијата
Повеќето потписници и понатаму веруваат дека вештачката интелигенција долгорочно може да ја зголеми продуктивноста и животниот стандард, исто како што тоа во минатото го направиле парната машина и компјутерот.
Но, предупредуваат дека краткорочниот шок би можел да биде сосема поинаква приказна. Според нив, AI може да избрише милиони работни места во секторот на таканаречените „бели јаки“, уште пред економијата да успее да се прилагоди на новите услови.

Институциите не се подготвени
Во документот се наведува дека системите за осигурување во случај на невработеност и останатите програми за социјална заштита не се создадени за ситуација во која огромен број луѓе би можеле да останат без работа за многу кратко време.
Дополнителен проблем е и недостигот од доверливи податоци. Истражувачите истакнуваат дека сè уште нема доволно прецизни информации за тоа колку брзо се шири вештачката интелигенција и кои сектори се најсилно погодени, што значително ја отежнува проценката на вистинските размери на промените.
Повик за итна реакција
На крајот од изјавата, потписниците ги повикуваат носителите на политички одлуки и лидерите во индустријата да го насочат развојот на вештачката интелигенција така што таа ќе го надополнува човечкиот труд, наместо целосно да го замени.
Истовремено, тие бараат итно развивање на подобри методи за мерење на реалното влијание што AI го има врз економијата и пазарот на трудот.













