Замрзнатиот зеленчук може да биде вистински спас кога немате многу време за готвење или кога фрижидерот е речиси празен. Тој е достапен по цена, практичен е, лесно се складира и доаѓа веќе исечкан и подготвен за подготовка во безброј комбинации.
Сепак, оваа скромна намирница често е предмет на бројни заблуди, а многумина сметаат дека е нутритивно и по вкус послаб од свежиот зеленчук. Вистината е поинаква – изборот на зеленчук од замрзнувачот носи бројни предности, а голем дел од претпоставките за него се неточни. Порталот "Tasting Table" ги разоткрива најчестите митови за замрзнатиот зеленчук.
Мит 1: Помалку е хранлив од свежиот зеленчук
Иако најчесто се смета дека свежото секогаш е подобар избор, тоа не мора да важи за овошјето и зеленчукот. Напротив, замрзнатиот зеленчук понекогаш може да содржи и повеќе хранливи материи од свежиот, во зависност од начинот на берба, пакување и складирање.
Зеленчукот што е наменет за замрзнување се бере во моментот кога е целосно зрел, односно кога содржи најмногу хранливи материи. Од друга страна, свежиот зеленчук често се бере порано за да дозрее за време на транспортот.
Откако ќе се набере, нивото на хранливи материи постепено почнува да се намалува. Колку подолго стои во транспорт или на полиците во продавниците, толку се поголеми загубите. Кај замрзнатиот зеленчук, пак, хранливите материи се „заклучуваат“ веднаш по бербата и остануваат зачувани сè до моментот кога ќе го подготвите.

Мит 2: Секогаш е кашест и без вкус
Доколку не се подготви правилно, замрзнатиот зеленчук навистина може да има лоша текстура и слаб вкус. Но, тоа лесно може да се избегне.
Ако некогаш сте добиле кашест боранија или безвкусен морков, не сте единствени. Во повеќето случаи доволно е само малку да го промените начинот на подготовка.
Лесно е да се претпостави дека замрзнатиот зеленчук се готви исто како свежиот, но тоа не важи за секој начин на подготовка. На пример, ако го печете во рерна, најдобро е маслото да го додадете дури на половина од печењето. Така прво ќе испари вишокот вода, а зеленчукот убаво ќе се запече. Пред крајот на печењето измешајте го со малку масло и омилените зачини за подобар вкус и поизразена карамелизација.
За разлика од свежиот, замрзнатиот зеленчук не треба да се мие, ниту пак да се одмрзнува. Одмрзнувањето често доведува до кашеста текстура бидејќи стопените кристали од мраз повторно се впиваат во зеленчукот. Кога се готви директно од замрзнувачот, влагата брзо испарува без да се впие, па зеленчукот останува цврст, свеж и вкусен.

Мит 3: Варењето е најдобриот начин на подготовка
Варењето е еден од најчестите начини за подготовка на замрзнат зеленчук, но не секогаш дава најдобри резултати.
Освен што може да ја намали количината на хранливи материи, варењето негативно влијае и врз вкусот, бојата и текстурата. Подобри алтернативи се готвење на пареа, подготовка во микробранова печка, динстање, печење во рерна или подготовка во фритеза на топол воздух, а сите овие методи се исто така практични.
Особено добри резултати дава печењето. Зеленчукот добива крцкава кора, богата карамелизирана арома и многу поинтензивен вкус. Иако трае малку подолго, не бара постојан надзор и одлично функционира со брокула, морков, тиква, прокељ и многу други видови зеленчук.
Ако немате многу време, микробрановата печка е одлично решение бидејќи ги зачувува хранливите материи. По подготовката можете да додадете растопен путер или малку песто за дополнителен вкус.
Одличен избор е и динстањето, особено кај грашокот, кој лесно се преварува. Подгответе го на силен оган со малку масло или путер и омилените зачини, за да ја задржи својата свежина и природна сладост.

Мит 4: Замрзнатиот зеленчук е веќе сварен
Уште една честа заблуда е дека замрзнатиот зеленчук е целосно сварен и може веднаш да се јаде по одмрзнувањето.
Тоа не е секогаш точно, па затоа секогаш треба да ги прочитате упатствата на пакувањето. Иако најголемиот дел од замрзнатиот зеленчук е бланширан, овој краток термички процес не го готви целосно, ниту ги уништува сите потенцијално штетни бактерии.
Иако замрзнувањето го запира нивниот развој, бактериите повторно можат да се размножуваат по одмрзнувањето.
За зеленчукот да биде безбеден за консумирање и да има оптимална текстура, треба да се подготви додека неговата внатрешна температура не достигне најмалку 74 степени Целзиусови.
Секако, постојат исклучоци. Ако на пакувањето пишува „подготвено за јадење“, производот може безбедно да се консумира директно. Но, ако стои „подготвено за готвење“ или „сварете и послужете“, неопходна е целосна термичка обработка.

Мит 5: Може бесконечно да стои во замрзнувач
Замрзнатиот зеленчук е одличен избор затоа што има долг рок на траење, помага да се намали фрлањето храна и овозможува да уживате во хранливи намирници и кога не им е сезона.
Но, тоа не значи дека може бесконечно да стои во замрзнувач.
Повеќето производи од замрзнат зеленчук го задржуваат својот квалитет од осум до дванаесет месеци. По тој период тие не стануваат небезбедни за јадење, но постепено ги губат вкусот, текстурата, бојата и дел од хранливите материи.
Може да се појави и таканареченото оштетување од замрзнување (freezer burn), поради кое зеленчукот станува сув и без вкус.
За да остане свеж и квалитетен, температурата во замрзнувачот треба постојано да биде -18 степени Целзиусови или пониска, а кесите по отворањето добро затворени.
Доколку сами го бланширате и замрзнувате зеленчукот, чувајте го во херметички затворени садови или во цврсти пластични кеси со патент и обидете се да исфрлите што е можно повеќе воздух пред замрзнувањето.














