Во срцето на Стар Дојран, каде што езерото и природата се нераскинлив дел од локалниот идентитет, ресторанот Нота успешно ја спојува долгогодишната гастрономска традиција со современите принципи на одговорно и одржливо работење. Покрај препознатливата традиционална дојранска кујна и автентичните вкусови, ресторанот вложува и во практики кои придонесуваат за зачувување на животната средина.
Во соработка со Пакомак, ресторанот активно го селектира амбалажниот отпад, овозможувајќи стаклото, пластиката и другите материјали повторно да влезат во процесот на рециклирање. На тој начин се намалува количината отпад што завршува на депониите и се дава директен придонес кон почиста животна средина и зачувување на природните богатства на Дојран.

Како дел од проектот „Are You Recycling“, ресторанот Нота е пример дека и угостителските објекти можат успешно да ги применуваат принципите на циркуларната економија и одговорното управување со отпадот.
Нота, е едно од местата што секој посетител на Дојран сака да го доживее. Менито е инспирирано од локалната традиција и богатството на Дојранското Езеро, со посебен акцент на свежата дојранска риба и специјалитетите подготвени според рецепти што со генерации се пренесуваат во овој крај. Овде се подготвуваат рибни специјалитети стари 100-тина години, сочувани со генерации. Од ладни предјадења со на пример фригована или маринирана риба, црвеноперка која се јаде сосе коски, и тоа како мезе заедно со ракија или бело вино. На менито во овој ресторан има и лангида, или ќофте од икра за топло предјадење, како и традиционална дојранска рибја чорба од крап и помал дел од сом, која се подготвува неколку часа, без примеси од брашно и јајца. За овие два специјалитети луѓето знаат да извозат долг пат, и да уживаат со сите сетила.

Овде може да јадете и пржен крап во масло, сечен како кременадли, потоа крап тава со зарзават кој се спрема 5,6 часа, со посебен вкус на крапот. За засладување дојранска раванија и слатко од зелени смокви, каде едноставно забораваш на диетата, и целосно се предаваш на задоволствата.
Традицијата во Дојран отсекогаш била тесно поврзана со природата. Жителите со векови живеат од езерото и добро знаат дека неговото зачувување е предуслов за развојот на туризмот, рибарството и локалната гастрономија. Токму затоа, во ресторанот Нота еколошката одговорност не се доживува како обврска, туку како природен продолжеток на дојранската традиција.

„Како ресторан кој секојдневно пречекува голем број гости, свесни сме дека имаме одговорност не само да понудиме квалитетна храна, туку и да придонесеме за зачувување на средината во која работиме. Дојранското Езеро е нашето најголемо богатство и сите треба да се грижиме за него. Селектирањето на отпадот е само еден од чекорите што ги преземаме за да го намалиме нашето влијание врз животната средина“, велат од ресторанот.
Комерцијален текст










