Еден од најстарите познати подземни градови се наоѓа во Шпанија. Сетенил де лас Бодегас е сместен на околу 160 километри североисточно од Кадиз.
Куќите изградени во карпите долж текот на реката Трехо совршено се вклопуваат во ридестиот пејзаж на Андалузија и создаваат глетка што долго се памети, пишува „punkufer“.
Сетенил де лас Бодегас е еден од познатите бели градови на Андалузија, препознатливи по неверојатната белина на своите куќи. Ронда е веројатно еден од најспектакуларните бели градови, а Сетенил де лас Бодегас се наоѓа на само половина час возење од него.

Иако има само околу 3.000 жители, Сетенил де лас Бодегас претставува вистински феномен што туристите од сите краишта на светот сакаат да го видат.
Според одредени податоци, луѓето на ова подрачје живееле уште во каменото време, но градот почнал да се развива дури во 12 век, кога Маврите го користеле како природна тврдина. Со оглед на бурното минато на овој регион, таквата местоположба била од голема корист.
Карпите, кои на многу куќи им служат наместо покриви и ѕидови, се главната атракција на Сетенил де лас Бодегас, исто како и неговите живописни, кривулести улици. Студените карпи се од голема помош за време на жешките лета, бидејќи придонесуваат температурата во куќите да биде пониска за неколку степени.

Во минатото, постудените делови од куќите се користеле за чување храна, служејќи како природни фрижидери.
Освен по необичните куќи и знаменитостите, како што е обновената кула на некогашниот замок Назари, туристите го посетуваат овој град и поради врвното вино, вкусните домашни јадења, особено специјалитетите од месо и сирење, како и мирисливите портокали.

Вреди да се посети и најстарата градска улица, Кале Ерерија (Calle Herreria), која води до плоштадот Плаза де Андалузија (Plaza de Andalucia), живописно место со неколку ресторани.








