Приказната за Сесилија Флатвал не е само приказна за болеста, туку и за неверојатната сила, мајчинската љубов и храброста смртта да се погледне право во очи. Кога на 42-годишна возраст ја дознала суровата вистина – дека боледува од неизлечив, метастатски рак на дојка – оваа неверојатна жена и мајка на три деца одлучила нејзината дијагноза да не биде крај, туку почеток на една важна мисија.
Сесилија стана заштитно лице на проект чија цел е да го сврти вниманието кон жените кои живеат со тешка форма на рак на дојка, кои честопати остануваат во сенка на приказните за оние што го преживеале ракот.
„Смртта е природен дел од животот, мора да зборуваме за неа“
Сесилија, за жал, почина во април 2023 година, но дочека да го види завршувањето на своето животно дело – статуа, документарен филм и книга, кои денес го сочинуваат нејзиното трогателно наследство. Нејзиниот главен мотив да дозволи да биде овековечена во бронза бил длабоко човечки: сакала да ја „разоружа“ смртта и да ја направи тема од која нема да се плашиме.

„Смртта доаѓа во еден момент од нашиот живот. Отсекогаш сум сметала дека таа е природен дел од животот и дека за неа треба многу повеќе да се разговара. За на некој начин да ја разоружаме смртта. Знам дека тоа може да биде тешка тема, но дел од причината поради која се согласив да бидам портретирана беше токму тоа – за да може за смртта да се зборува без страв“, велела Сесилија.
Солзите на една мајка пред неизбежното: „Нема секогаш да можам да им кажам дека сè ќе биде во ред“
За неа, овој споменик не бил само симбол за подигнување на свеста за пациентките со метастатски рак, иако истакнувала дека тие се „многу повеќе од обична група пациентки“. За неа, статуата е интимен подарок за нејзините деца и семејството.
„За моите најблиски, статуата ќе значи дека ќе имаат место каде што можат да дојдат. Нешто како меморијал“, истакнувала оваа храбра жена.

Нејзините зборови за мајчинството под товарот на смртоносната болест навистина предизвикуваат солзи.
„На сите луѓе им покажуваме само делови од тоа кои сме, а со овој проект покажувам дел од себе и од моите вредности. Особено на моите деца, кои живеат со мајка што има рак. Како мајка, сакам да бидам тука кога сум им потребна. Но, нема секогаш да можам да бидам тука за да им кажам дека сè ќе се среди. Да им кажам дека ќе биде во ред“, велела таа.
Не сакал сожалување, туку да ја покаже силата на жената
Вајарот Хокон Антон Фагерос, кој ја изработил нејзината статуа во природна големина, одбил да ја прикаже како беспомошна болна жена што треба да предизвикува сожалување. Неговата визија била јасна: Сесилија не е жртва!
„Не можев да создадам жртва или кутра болна жена која исчезнува. Наместо тоа, се обидов да прикажам како таа се справува со сето тоа – со сила на волјата, виталност и спокој среде отпорот“, објасни познатиот вајар.

Статуата, на која Сесилија е делумно разголена, не користи драматични и патетични гестови; самото отсуство на едната дојка зборува доволно само по себе. Нејзиниот природен говор на телото не зрачи со несигурност, туку со неверојатна храброст во соочувањето со непознатото, а како што самиот уметник вели: „Сесилија е силна и покрај околностите и храбра пред непознатото. Во таа храброст лежи надежта“.
Споменик на секојдневието во срцето на Осло
Денес, споменикот на хероината Сесилија стои на едно од најпрометните места во Осло, свртен кон улицата Карл Јохан, точно помеѓу Кралската палата и зградата на Парламентот. Гледајќи ги илјадниците луѓе што секојдневно минуваат оттаму, се исполни нејзината најголема желба – темата за болеста и смртта да стане дел од секојдневието и да биде „помалку страшна“.
До самиот крај на својот живот била благодарна за неверојатното внимание, грижа и љубов со кои била опкружена за време на проектот. А денес, среде метежот на главниот град на Норвешка, нејзината статуа нè потсетува на суровата, но важна вистина што и самата ја истакнувала: „Сите еден ден ќе умреме. Нормализирајте ја смртта“.














