Во португалскиот град Порто, научниците за првпат го регистрираа присуството на чилеанскиот пајак самец (Loxosceles laeta), еден од најотровните видови пајаци во светот. Иако веста на прв поглед звучи загрижувачки, експертите нагласуваат дека нема причина за паника, бидејќи станува збор за исклучително повлечен вид кој многу ретко доаѓа во контакт со луѓето.
Откритието претставува прв потврден случај на присуство на овој вид на Пиринејскиот Полуостров, а резултатите од истражувањето беа објавени откако во период од неколку месеци беа пронајдени два машки примероци. Чилеанскиот пајак самец природно живее во западниот дел на Јужна Америка, особено во Чиле, Аргентина, Перу и Бразил. Се претпоставува дека во Европа пристигнал преку меѓународен транспорт на стока, што во последните децении е чест начин на ширење на егзотични видови.
Првиот примерок бил пронајден во септември минатата година на ѕид од една зграда во Порто, додека вториот бил откриен на почетокот на оваа година во леплива стапица. Ентомологот Хозе Мануел Гросо Силва од Универзитетот во Порто истакнува дека можноста луѓето да се сретнат со овој пајак е многу мала.
„Веројатноста луѓето да наидат на овој вид или да бидат каснати е многу мала“, порача тој.

Сепак, предупредува дека неговиот отров може да предизвика сериозни здравствени последици. Во потешки случаи, каснувањето може да доведе до некроза на кожата, односно одумирање на ткивото околу местото на каснување, а во медицинската литература се забележани и ретки смртни случаи.
Биолозите нагласуваат дека пајакот не е агресивен и човек каснува само кога ќе се почувствува загрозен или кога ќе биде притиснат до телото, на пример со облека или постелнина. Дополнителен предизвик претставува фактот што чилеанскиот пајак самец многу личи на медитеранскиот пајак самец (Loxosceles rufescens), кој е присутен во Европа повеќе од два века.

Двата вида имаат еднолична кафеава боја, се кријат во темни агли од куќи, подруми и гаражи, а најактивни се во текот на ноќта. Поради нивната голема сличност, научниците сметаат дека е можно чилеанскиот пајак да е присутен во Португалија и подолго време, но досега бил погрешно идентификуван.
Португалија пред неколку години забележа и сериозен случај на каснување од медитерански пајак самец. Жена која била касната во тилот развила силна воспалителна реакција, висока температура, главоболка и некроза на кожата. Таа била лекувана повеќе од две недели и на крајот целосно закрепнала.
Експертите нагласуваат дека ваквите случаи се ретки, но потврдуваат дека отровот на пајаците од родот Loxosceles може да предизвика сериозни компликации.

Научниците предупредуваат дека Европа во последните децении се соочува со сè поголем број инвазивни растителни и животински видови кои пристигнуваат преку меѓународната трговија. Само во Португалија досега се регистрирани повеќе од 300 странски видови инсекти, а експертите сметаат дека климатските промени дополнително го олеснуваат нивниот опстанок и ширење.
Европа се загрева побрзо од глобалниот просек, поради што сè поголем број егзотични организми успеваат да се прилагодат и да преживеат во региони каде што претходно тоа не било можно.














