Марко Маринковиќ – Слаткар во емотивно гостување во подкастот „Претрес“ со Ландов отворено проговори за личните битки кои со години ги носи со себе – пелтечењето, траумите од детството, но и за одлуката да се откаже од државните буџетски средства за снимањето на документарниот филм посветен на неговиот живот.
Македонскиот рапер откри дека на почетокот од својата музичка кариера често бил мета на гласини дека користи дрога. Наместо тие шпекулации да го повредат, вели дека почувствувал олеснување, бидејќи јавноста зборувала за нешто друго, а не за неговото пелтечење – проблем кој, како што признава, му оставил длабоки последици уште од најрана возраст.
Осврнувајќи се на документарниот филм, Слаткар истакна дека проектот за него има многу поголема цел од раскажување на сопствената животна приказна. Тој се надева дека преку своето искуство ќе им даде храброст и поддршка на децата и младите кои се соочуваат со пелтечење и слични предизвици.
Во разговорот не го криеше ниту разочарувањето од, како што рече, недостигот на морална поддршка што ја добил во сопствената земја, потенцирајќи дека токму поради тоа одлучил филмот да го реализира без државна финансиска помош.
✨„Кога излегов, тоа сакав да кажам каков мајндсет имаат децата што условно кажано пелтечат. Кога излегов, сите зборуваа дека сум наркоман. Никој не зборуваше дека д'ткам и јас бев среќен. Викам, добро е, нека зборуваат дека сум наркоман, само да не зборуваат дека д'ткам. Замисли што се случува во главата на едно младо дете, што има условно кажано таков проблем.

Замисли тоа колку е голем филмот, колку ќе помогне тој филм. Не овде, тој ќе помогне сегде. Значи, нема во светот некој друг случај каде што некое дете го изгубило ритамот на говорот и го нашло овој музички ритам. Навистина самата приказна е голема. Јас не би сакал да ја имам, ама ми се случила. Сум ја изживеал, сум ја истерал низ животот. Веќе сум зрел, сум се помирил. Тоа е тоа. И сега тоа да биде извалкано така со нешто толку гадно...
Ми е криво што немам поддршка. Мене не ми треба парична поддршка од самата држава. Мене ми треба морална поддршка. Да излезат да ми кажат дете ова е добро што си го спремил. Тоа ми е криво дека дома не ти викаат браво, направи нешто, терај понатаму, заедно со тебе сме. А ќе отидеш некаде и ќе ти речат еве повели...“, вели Слаткар.
Слаткар откри дека бил длабоко разочаран од реакциите што следуваа откако Агенцијата за филм одлучи да го поддржи снимањето на документарниот филм за неговиот живот. Како што рече, неговата единствена намера била преку филмот да испрати силна порака и да им помогне на децата кои се соочуваат со пелтечење, но јавните критики го натерале да ја преиспита целата ситуација.
Поради негативните реакции, тој донел одлука да се откаже од доделените државни средства, нарекувајќи ги „колнети пари“, истакнувајќи дека не сака неговиот проект да биде предмет на политички или јавни поделби.
✨„Тоа е исто како „Медена земја“ да добие пари и ти да ги пцуеш пчелите... Мислам онака буквално. Во оваа ситуација не знам ти дали си свесен дека јас добив најмалку пари... Тоа се колнети пари и подобро е да се тргнеш од нив“, вели Слаткар.














