Пејачката Антонија Гиговска повторно се најде во центарот на вниманието, откако нејзината искрена исповед во подкастот на Лазаров предизвика вистинска лавина од реакции на социјалните мрежи.
Откако нејзиното гостување отвори дебата за една од најчувствителните теми поврзани со мајчинството – доењето, притисокот што го чувствуваат мајките, вината и психичката исцрпеност по породувањето, јавноста остана поделена. Додека едни ја поддржаа за храброста отворено да зборува за личните предизвици, други упатија критики, оценувајќи дека дел од нејзините ставови би можеле да бидат погрешно протолкувани.
По бројните коментари и бурните реакции што ја следеа емисијата, Гиговска повторно се огласи, овојпат преку својот профил на Инстаграм, каде во долго и емотивно обраќање реши да одговори на критиките.
Со својата нова објава, пејачката испрати силна порака не само до оние што ја осудуваа, туку и до сите мајки кои поминуваат низ слични животни предизвици, потенцирајќи дека секое мајчинство е различно и дека зад многу насмевки често стојат тивки, лични битки за кои ретко се зборува јавно.
Да ве потсетиме на искрената изјава на Антониа Гиговска во поткастот кај Лазаров:
✨„Одеднаш од личност што има настапи секој ден во различен град, јас сум во една соба затворена, сè е на мене, тој мора да цица, јас мора да му дадам млеко, а не се осеќав своја кога Киан цицаше. Цело време плачев. Дали е тоа затоа што беше премногу стрвен, сакаше да цица на пола саат, а јас не бев спремна да го дадам тоа некако. И тогаш си реков дека не мора да правам ништо, си ставив во главата дека не сум помалку мајка ако детето не цица. Мора да е само најадено, да е среќно, да не плаче, зашто многу плачеше.

Најверојатно не сум имала доволно млеко за да го најаде. Во глава имав притисок како да ме обвинуваат дека сум помалку мајка ако Киан не цица. Дека јас не му давам млеко на бебето. Не сте помалку мајки ако бебето не цица. Мајки сте ако му дадете да јаде секогаш кога е гладно, да го облечете за да не му студи, да му дадете љубов.
Немав здравствен проблем, само изгледа немав доволно млеко. Мајка ми немала, тетка ми немала - баба ми имала. Ѝ реков на мајка ми дека сакам да дојде баба ми, да види какво ми е млекото, бојата и таа сфати дека не треба ни јас да се мачам, а и Киан да го мачам. Јас сум среќна што првите 30 дена цицаше. Но кога сфатив дека не треба да се мачам ни јас ни тој, зашто психички бев многу лошо, бев нестабилна, решив дека треба да е на адаптирано млеко.
Со Роберт ги поделивме и обврските - тој стануваше ноќе за да го нахрани а јас да спијам, а преку ден јас го хранев, а Роберт спиеше, ни беа избалансирани тие работи. Роберт од почеток го бањаше сам, му менуваше пелена“.

Голем број познати личности ја поддржаа Антониа и рекоа дека и самите ќе се подразмислат дали во иднина ќе се отворат пред камерите и за медиумите.
Oгласувањето на Антониа на Инстаграм:
✨„Чувствувам потреба да се огласам по гостувањето во Лазаров Подкаст и коментарите под рилот поврзани со моето искуство со доењето.
Во подкастот отворено зборував за еден од најтешките периоди во мојот живот. Искрено и без маски, затоа што сметав дека треба да се зборува и за таквите моменти. Да, се обидов да дојам, но наместо да се чувствувам исполнето, јас се чувствував психички исцрпено. Се борев со емоции кои тешко може да ги разбере некој што не ги доживеал.
Плачев, се преиспитував и се чувствував како да не успевам.
По многу преиспитувања, сама со себе донесов одлука да продолжиме со адаптирано млеко. Тоа не беше лесна одлука, но беше најдобрата одлука за мене, а со самото тоа и за моето бебе. Не е ништо страшно ако немаш доволно млеко и продолжиш да го храниш своето дете со адаптирано млеко.

Затоа искрено ме растажува кога гледам колку лесно знаеме да осудиме некого, а колку ретко застануваме да разбереме низ што навистина поминува една мајка. Ова не го пишувам за да се оправдувам. Немам потреба од тоа.
Го пишувам затоа што знам дека во овој момент постои барем една мајка која се чувствува виновна затоа што не можела или не сакала да продолжи со доење.
Ако си една од нив, сакам да знаеш дека не си сама. И не си помалку мајка.
Мајчинството не се мери според начинот на кој го храните вашето дете. Се мери според љубовта, грижата, непреспиените ноќи, посветеноста и сè она што секојдневно го правите за своето дете. Од срце им благодарам на сите кои ме разбраа, кои ми дадоа поддршка и кои избраа емпатија наместо осуда. Токму поради таквите луѓе верувам дека е време да престанеме да ги третираме ваквите теми како табу.

На крајот, за мене е најважно моето дете да е сакано, здраво, среќно, најадено и никогаш да не е гладно. Тоа секогаш ќе биде поважно од секое туѓо мислење и секоја осуда.
Ако со мојата искреност охрабрам барем една мајка да престане да се чувствува виновна и да сфати дека не е помалку мајка поради одлуката што ја донела, тогаш знам дека вредело да зборувам.
Со почит,
Антониа“.
Целиот подкаст и искреноста на Антониа, проследете ја во продолжение:














