Пред околу 5.500 години, областа околу Бајкалското Езеро во Сибир била населена со групи ловци-собирачи, кои живееле од богатите природни ресурси, вклучувајќи плен како елени, лосови, риби, фоки и мармоти. Токму овие луѓе, особено децата и адолесцентите, биле жртви на најстарата досега позната епидемија на чума.
Научниците објавија дека анализата на древната ДНК од посмртните останки пронајдени на четири гробишта во оваа област ги открила најстарите досега познати соеви на бактеријата Yersinia pestis, причинителот на чумата. Овие праисториски случаи ѝ претходеле на разорната улога што оваа болест ја имала врз човештвото со илјадници години.
Според истражувачите, епидемијата била особено смртоносна за помладите лица, што го заклучуваат врз основа на структурата на погребаните. Тоа го припишуваат на генетските карактеристики на тогашните соеви на бактеријата, кои повеќе не се присутни кај денешните варијанти на патогенот.
Тие додаваат дека откритието ја поддржува теоријата според која мармотите биле првичните природни домаќини на бактеријата и дека чумата настанала во централна или североисточна Азија, пред да се прошири низ Евроазија.

„Еден од најзначајните патогени за човештвото“
„Овие наоди темелно го менуваат начинот на кој размислуваме за потеклото и раното влијание на еден од најзначајните патогени за човештвото“, изјави еволуцискиот генетичар Еске Вилерслев од Универзитетот во Копенхаген и Универзитетот во Кембриџ, главен автор на студијата објавена во средата во списанието „Nature“.
Следниот најстар познат случај на чума потекнува од периодот пред 5.300 до 5.000 години во Латвија, оддалечена околу 5.000 километри.
„Дури со развојот на методите за проучување на древната ДНК откривме дека чумата постои многу подолго отколку што знаеме од историските записи. Станува збор за зооноза – патоген кој првенствено опстојува кај глодарите, а не кај луѓето, но кој повеќепати преминал на човекот со разорни последици“, изјави еволуцискиот генетичар Руерид Маклеод од Универзитетот во Оксфорд, кој е еден од главните автори на студијата.

Овие последици ги вклучуваат и двете големи епидемии што убиле огромен дел од европското население – Јустинијановата чума во VI век и Црната смрт во XIV век, кога болеста се пренесувала на луѓето преку каснување од заразени болви што живееле на стаорци.
Долго време се претпоставуваше дека големите епидемии на чума се појавиле дури откако човештвото започнало да се занимава со земјоделство и формирало населби со голема густина на население. Исто така, постоеле мислења дека раните соеви можеби биле поблаги.
Откритието дека чумата ги убивала праисториските ловци-собирачи, кои живееле во мали групи низ оддалечени шумски предели, директно им противречи на овие претпоставки.
Кај Бајкалското Езеро, бактеријата Yersinia pestis била откриена кај 18 од 46 анализирани тела, што претставува поголема зачестеност отколку во некои средновековни масовни гробници поврзани со чумата.
Маклеод изјави дека пронаоѓањето докази за голема и смртоносна епидемија меѓу овие ловци-собирачи било „целосно изненадување“.

„Преодна фаза“
Научниците откриле повеќе геноми на Yersinia pestis, зачувани во забите на погребаните жртви. Овие соеви биле многу блиску до првобитниот предок на бактеријата, кој се одвоил од својот еволутивен претходник можеби само два века претходно.
„Се чини дека патогенот претставува преодна фаза во еволуцијата на чумата – веќе бил способен да предизвика тешка болест, но сè уште не ги поседувал сите адаптации што се забележуваат кај подоцнежните пандемиски соеви“, изјави Вилерслев.
На древните соеви им недостасувал генот потребен за ефикасен пренос преку болви, како и за појавата на болните отоци предизвикани од ширењето на инфекцијата од местото на каснување до најблиските лимфни јазли, што било карактеристично за подоцнежните епидемии.
Но, тие поседувале генетска варијанта што не постои кај поновите соеви на чума, а која можела да предизвика тешки воспалителни компликации, на кои децата биле особено чувствителни.
Многу од погребаните биле деца, а во некои случаи и браќа и сестри.
„Оваа чувствителност е најизразена кај деца на возраст од 8 до 12 години и претставува сосема поинаков модел на смртност од оној што го гледаме на другите локалитети на ловци-собирачи околу Бајкалското Езеро, каде што не е пронајдена чума“, изјави Маклеод.

„Можеле да бидат подеднакво смртоносни“
„Во комбинација со присуството на други гени што ги прават инфекциите со чума тешки, јасно е дека овие праисториски соеви можеле да бидат подеднакво смртоносни, иако на поинаков начин“, додаде Маклеод.
Овие ловци-собирачи доаѓале во близок контакт со мармотите, а истражувачите сметаат дека токму овие глодари ја поттикнале епидемијата.
На други археолошки локалитети, во гробовите биле пронајдени и привезоци изработени од предните заби на мармоти. Освен тоа, мармотите претставувале и извор на храна.
„Некои луѓе можеби дошле во контакт со заразен мармот, најверојатно држејќи го во раце или јадејќи недоволно термички обработено месо“, изјави Маклеод.
Откако патогенот преминал од мармотите на луѓето, истражувачите веруваат дека се проширил преку пренос од човек на човек, на пример преку кашлање.
„Инфекциите со чума биле широко распространети меѓу поединците, а многу блиски роднини очигледно починале од чумата во исто време“, рече Маклеод.
Тој додаде дека оваа епидемија во тоа време целосно ги опустошила заедниците на ловци-собирачи.















