Светското првенство во фудбал се одржува во Канада, САД и Мексико. Натпреварувањето трае од 11 јуни до 19 јули, а за првпат во историјата учествуваат рекордни 48 репрезентации.
По девет одиграни дена, веќе имаме две селекции кои обезбедија пласман во нокаут-фазата, како и две репрезентации кои ги загубија сите шанси за продолжување на натпреварувањето по завршувањето на групната фаза.
Во следната рунда од светскиот фудбалски спектакл сигурно нема да играат Хаити и Турција.

Хаити, кој уште пред почетокот на турнирот важеше за аутсајдер, во првото коло загуби од Шкотска со 1:0, а во второто од Бразил со 3:0. Дури и доколку слави во последното коло против Мароко, селекцијата ќе го заземе последното, четврто место во групата.
Турција се наоѓа во идентична ситуација како Хаити. Во првите две кола турските фудбалери упатија дури 62 удари кон противничкиот гол, но не успеаја да постигнат ниту еден погодок.

Нивните промашувања најпрво ги казни Австралија со победа од 2:0, а потоа и Парагвај со 1:0. Како и Хаити, Турција може да стигне до три бода со евентуална победа против Соединетите Американски Држави, но поради поразите во меѓусебните дуели со Австралија и Парагвај, не може да се искачи повисоко од четвртото место во групата.
Од друга страна, веќе имаме и две репрезентации кои официјално обезбедија место во елиминациската фаза, односно во шеснаесетфиналето.

Досега пласман во нокаут-фазата обезбедија двајца од домаќините на турнирот – Мексико и Соединетите Американски Држави.
Двете селекции забележаа по две победи и, без оглед на резултатите во последното коло од групната фаза, сигурно ќе го продолжат своето учество во елиминациските натпревари.








