Турската актерка Еџе Иртем, најпозната по улогата на Ишил во популарната серија „Шербет од брусница“ (Kızılcık Şerbeti) почина на 35-годишна возраст.
Според наводите на медиумите, утрово била пронајдена без свест во својот дом, само еден ден по роденденот. Како причина за смртта се наведува срцев удар.

Еџе Иртем е родена на 14 јуни 1991 година во Сивас. Дипломирала на Универзитетот „Јашар“, на отсекот за оперско пеење и вокални изведби, каде што во 2014 година завршила како трета во генерацијата.

За време на студиите соработувала со бројни познати уметници, меѓу кои сопранистката Ајтул Бујуксарач, директорот на Државната опера и балет во Измир, Левент Ѓундүз, тенорот Паоло Сузани, Есра Мамач и мецосопранистката Ана Чубученко.

Иртем уште од детството била активна во спортот, а во основно училиште почнала да тренира трчање. Паралелно со тоа, рано развила интерес за актерството, па пишувала и изведувала сопствени скечеви во училишни претстави.


По преселбата во Истанбул, од 2014 до 2015 година се школувала во Културниот центар „Садри Алишик“, каде што посетувала часови по глума кај Кајхан Јилдизоглу, Октај Корунан, Кадим Јашар и Толга Чифтчи.

На домашната и пошироката регионална јавност ѝ стана позната по улогата на Ишил во серијата „Шербет од брусница“, која стекна голема популарност и широка гледаност.






