Музичарот Род Стјуарт повторно откажал концерт поради болест, а потоа предизвикал лавина негативни реакции бидејќи само еден ден подоцна отпатувал во Бостон на натпреварот од Светското фудбалско првенство меѓу Шкотска и Хаити.
Легендарниот пејач во саботата требал да настапи во амфитеатарот „North Island Credit Union“ во Чула Виста, во близина на Сан Диего. Меѓутоа, концертот го откажал 40 минути пред почетокот. На неговиот Инстаграм профил беше објавено соопштение во кое пишуваше дека на музичарот му била дијагностицирана акутна инфекција на горните дишни патишта, која предизвикала ларингитис.
„Со големо жалење, Род Стјуарт мораше да го откаже вечерашниот настап во Чула Виста. Тој допатува на локацијата и направи сè за да настапи, но според советот на лекарите, вечерва не е во можност да излезе на сцената“, пишуваше во соопштението.

Стјуарт подоцна и самиот се огласил, објавувајќи фотографија направена во празниот амфитеатар.
Напишал дека се чувствува подобро по терапијата, но дека гласот сè уште не му закрепнал целосно, поради што не може да настапува.
„Многу сум разочаран и искрено им се извинувам на сите обожаватели. Направив сè што можев за концертот да се одржи, но за жал тоа не беше можно. Ќе дадеме сè од себе за да најдеме нов термин“, истакнал тој.
Неговите обожаватели првично имале разбирање за откажувањето на концертот и му дале поддршка во коментарите.

Меѓутоа, нивното мислење се променило откако еден ден по откажаниот концерт пејачот објавил видео од приватен авион, на пат кон Бостон. Видеото го снимил со синовите Лиам и Аластер пред натпреварот, на кој заминале за да ја поддржат шкотската репрезентација.
„Еве нè, летаме за Бостон за да ја гледаме Шкотска на Светското првенство. Поминаа 28 години откако последен пат бевме тука. Бев на седум светски првенства и се надевам дека ќе се пласираме понатаму. Ако се случи тоа, би можел да умрам среќен“, рекол музичарот во видеото, а во описот напишал: „Момците и јас летаме да ја гледаме нашата Шкотска на Светското првенство. Нема Шкотска, нема забава“.
Некои обожаватели подоцна го виделе на стадионот во Фоксборо, каде што Шкотска го победи Хаити со резултат 1:0.
Неговото доаѓање на натпреварот не им се допаднало на обожавателите кои вечерта претходно го чекале пред откажаниот настап.

„Ова делува прилично неискрено. Беше премногу болен за настап, но не и за лет преку целата земја поради натпревар?“, „Изгубив дел од почитта кон тебе. Стадион полн со луѓе остана разочаран“, „Малку повеќе обѕир не би штетело“, беа дел од коментарите на разочараните обожаватели.
Сепак, има и такви кои го бранеле музичарот и истакнале дека во видеото звучел засипнато. По негативните коментари се огласил и претставникот на пејачот, кој рекол дека информациите за болеста биле точни и дека Стјуарт примил повеќе терапии и дози стероиди во обид да настапи.

„Беше на локацијата и до последен момент се обидуваше да го одржи концертот. На крајот моравме да го откажеме бидејќи едноставно немаше глас. Терапијата почна да делува, но предоцна за да може да излезе на сцената“, нагласил тој.














