Чекаа речиси цел век: Мексико конечно го урна едно од најголемите проклетства на Светските првенства

Точка

12/06/2026

10:37

1.166

Големина на фонт

а а а

Победата на Мексико против Јужноафриканската Република (2:0) на отворањето на Светското првенство 2026 не му ги донесе само првите три бода на домаќинот на турнирот.

Таа донесе и крај на една неверојатна серија која траеше речиси цел век.

Имено, Мексико никогаш во својата историја немаше успеано да победи на натпреварот на отворањето на Светско првенство. Пред дуелот со Јужноафриканците, одигра седум вакви натпревари и притоа запиша пет порази и две ремија.


Сè започна далечната 1930 година во Уругвај, кога токму Мексико учествуваше на првиот натпревар во историјата на Светските првенства. Тогаш беше поразен од Франција со 4:1. Следуваа порази од Бразил во 1950, 1954 и 1962 година, потоа од Шведска во 1958 година, а единствените бодови ги освои со реми против Советскиот Сојуз во 1970 година и против Јужноафриканската Република во 2010 година.

Поради тоа, мексиканските медиуми и навивачи со години зборуваа за „проклетството на отворањето“, а во пресрет на овој Мундијал селекторот Хавиер Агире јавно порача дека неговата репрезентација мора да ја прекине таа непријатна серија.


И успеа.

Уште во деветтата минута Хулијан Кињонес ги доведе домаќините во водство, а Раул Хименез во продолжението ја потврди победата која предизвика воодушевување на преполната Ацтека. Повеќе од 80 илјади навивачи славеа не само успешен почеток на првенството, туку и рушење на статистиката што ја следеше репрезентацијата со децении.

„Го скршивме проклетството и нема подобро место за тоа од дома“, изјави еден од навивачите за „Reuters“ по натпреварот.


За Мексиканците ова е повеќе од обична победа.

Репрезентацијата која често разочаруваше на големите натпреварувања конечно се ослободи од товарот на минатото и го отвори најголемото Светско првенство во историјата токму на начинот на кој навивачите се надеваа со генерации.