Голема бела ајкула за првпат е снимена во Средоземното Море, што експертите го оценуваат како исклучително редок и значаен настан.
Импресивните снимки настанале за време на акција за отстранување на напуштени рибарски мрежи од бродолом во централниот дел на Средоземното Море, поточно во подрачјето меѓу Сицилија и Тунис.
„Раката ми се тресеше“
Нуркачите за време на акцијата наишле на предатор долг околу 4,5 метри, чија тежина може да достигне речиси 1.800 килограми.
Експертите предупредуваат дека овој вид е на работ на исчезнување во Средоземното Море, каде што се проценува дека постојат само неколку стотици единки.
На снимката, за која се верува дека претставува прв подводен запис на голема бела ајкула во нејзиното природно опкружување во овој дел од светот, се гледа како кружи во близина на бродоломот.
Дерк Ремерс, кој учествувал во мисијата, вели дека средбата била навистина посебна.
„Ајкулата беше многу блиску до бродоломот, но и до нас. Ќе отпливаше, потоа ќе се свртеше и повторно ќе се враќаше. Раката ми се тресеше додека се обидував да ја вклучам камерата. Искрено, повеќе се плашев да не ја пропуштам можноста да го снимам овој редок настан отколку од самата ајкула“, изјави тој.
Ремерс нагласи дека нема причина за паника кај граѓаните, бидејќи ајкулата била забележана далеку од брегот, во централниот дел на Средоземното Море, во област каде што капачите и туристите не се загрозени.
„Важно е луѓето да не развијат страв поради оваа снимка. Средбата се случи на отворено море, далеку од плажите. Исто така, не сакам снимката да поттикне каков било лов на големи бели ајкули“, истакна нуркачот.
„Се чувствуваме привилегирани“
Научниците потврдуваат дека нема причина за загриженост. Според нивните проценки, станува збор за возрасен мажјак кој бил забележан на повеќе десетици километри од најблискиот брег меѓу Тунис и Сицилија.
Заштитниците на природата сметаат дека оваа ретка средба би можела да ги поттикне владите на медитеранските земји да воспостават нови заштитени морски подрачја со цел да се зачуваат загрозените видови и нивните живеалишта.
Ремерс бил дел од тричлен тим на невладината организација „Healthy Seas“, која се занимава со отстранување на таканаречените „мрежи духови“ – изгубена или напуштена рибарска опрема која со години по нејзиното фрлање продолжува да го заробува и убива морскиот свет.
„На некој начин се чувствуваме привилегирани поради оваа средба. Таа уште еднаш ни покажа колку е важна нашата работа“, рече Ремерс.
Според него, присуството на голем предатор во близина на бродоломот укажува дека подрачјето е богато со риби и други морски организми, пренесува „Daily Star“.
„Ако во тие мрежи се заробуваат риби и други животни, постои опасност во нив да бидат фатени и предатори како големата бела ајкула. А бидејќи во Средоземното Море останале малку единки, секоја загуба би претставувала сериозна катастрофа“, предупреди тој.
Експертите сметаат дека прекумерниот лов е една од главните причини за драстичното намалување на популацијата на големите бели ајкули во овој дел од светот.













