Археолозите во Египет откриле низа древни артефакти, меѓу кои фараонски погребни предмети, остатоци од римска базилика и мермерна глава на Афродита, древната грчка божица на љубовта и убавината.
Откритијата, претставени во неделата, се дел од обидите на египетската влада да ја поттикне туристичката индустрија и да обезбеди прилив на пари за економијата што се соочува со бројни предизвици. Остварувањето на целите им го олеснува конечно отворениот Големиот египетски музеј, мегапроект сместен во близина на познатите пирамиди во Гиза, пренесе „Associated Press“.
Активен економски и трговски центар
Остатоците од базиликата и главата на Афродита биле пронајдени во древната некропола во провинцијата Бени Суеф, околу 130 километри јужно од Каиро, соопшти египетското Министерство за туризам и антиквитети.

Некрополата Ехнасија, позната и под своето древно римско име Хераклеополис Магна, била еден од најзначајните градови на древен Египет.
Археологот Мохамед Абдел-Бадеи, директор на секторот за антиквитети при Врховниот совет за антиквитети, објаснил дека биле пронајдени големи камени блокови што ги носеле столбовите на базиликата, тешки и до 45 тони. Три такви блокови и понатаму стојат на своите првобитни места.
Како што рекол тој, мермерната глава на Афродита, со димензии од приближно 24 на 25 сантиметри, има детално изработени црти на лицето и кадрава коса на божицата, што ги одразува класичните уметнички традиции на грчкиот и римскиот период.

Археолозите пронашле и натписи поврзани со фараонот Сенусрет III, кој владеел меѓу 1837 и 1819 година пред новата ера за време на 12. династија. Натписите ги содржат неговото престолно и родено име. Овој фараон, познат и како Сесострис III, се смета за еден од најистакнатите владетели на египетското Средно кралство.
Пронајдени се и фрагменти од ѕидни статуи, како и теракотни калапи за кои се верува дека биле користени за изработка на пари за време на римскиот период. Според Абдел-Бадеи, овие наоди покажуваат дека Ехнасија била активен економски и трговски центар во времето кога Египет бил дел од Римското Царство, меѓу 30 година пред новата ера и 395 година од новата ера.
Нови откритија во древниот град Хелиополис
Во Каиро, археолозите пронашле речиси комплетен сет погребни предмети во квартот Матарија, кој некогаш бил дел од древниот град Хелиополис, соопшти Министерството.
Абдел-Бадеи рекол дека истражувачите откриле гробница од непечена тула со позлатени остатоци во ковчег, за кои се верува дека му припаѓале на воен функционер. Пронајдена е и збирка козметички предмети, меѓу кои бакарно огледало и алабастерски садови за кохл, древен вид шминка за очи.

Меѓу наодите се наоѓа и колекција обетки од жолт метал, составена од пет пара со различни големини, за кои се претпоставува дека се изработени од злато.

Откритијата во Бени Суеф и Каиро претставуваат најнови археолошки наоди за кои владата се надева дека дополнително ќе го поттикнат клучниот туристички сектор, кој делумно се потпира токму на посетите на античките локалитети.

Туризмот претрпе сериозен удар во годините на политички превирања и насилство по востанието во 2011 година. Во последните години секторот почна да закрепнува од последиците на Ковид-19 пандемијата и економските ефекти од војната меѓу Русија и Украина, бидејќи двете земји се важни извори на туристи кои го посетуваат Египет.
Според официјалните податоци, Египет минатата година го посетиле рекордни околу 19 милиони туристи, што претставува зголемување од 21 отсто во однос на 2024 година. Кабинетот на премиерот во мај соопшти дека во првите четири месеци од 2026 година земјата ја посетиле 6,1 милион туристи, во споредба со 5,7 милиони во истиот период во 2025 година.















