Малерозниот фудбалер на Јувентус кој одигра 36 минути во две години: Го допрев дното, парите не носат среќа во животот

Дерби

03/06/2026

13:57

437

Големина на фонт

а а а

Аркадиуш Милик поради тешка повреда на коленото ја пропушти цела сезона 2024/25-та, па иако беше програмирано да има значително поголема минутажа во сезоната која измина, тој ниту еднаш не успеа да врзе континуитет.

Причина за тоа беа низа мускулни повреди на различни места, па сезоната на крајот ја запиша со 36 минути поделени во два натпревари, оние против Сасуоло и Џенова во месец март и април.

Аркадиуш дефинитивно нема да добие нова шанса од Јувентус и планот е да го раскине договорот ова лето, но пред да донесе одлука за својата иднина, реши да се исповеда и да открие дека западнал и во депресија поради тоа што не можел да најде решение за честите повреди во 2025-та година.

– Дојдов до ментален распад и долго време размислував дали да побарам професионална помош. Долго си велев дека можам да се носам сам со притисокот, но морав да се предомислам. Имав преголеми проблеми на почетокот на 2025-та година, имав непријатни моменти, моменти на паника. Не знам дали тоа беше депресија, но дефинитивно го допрев дното.

– Знаев да одам во теретана, да извежбам дел од вежбите, а потоа со трчање одев во тоалет за да плачам. Во неколку наврати нагло ги прекинував тренинзите за да одам да плачам. Научив да се носам со тоа, но научив и една важна работа. Парите не носат среќа, барем не во мојот случај. Ја имав најголемата заработка во кариерата, но никогаш не сум бил понесреќен во кариерата отколку во овие две сезони, – признава Милик.