Матуранти ѝ подарија автомобил на класната: Едни ги пофалија, други ја критикуваат наставничката поради изјава што нè тера сите да се замислиме: „Во тоа е целата поента!“

Точка

26/05/2026

20:01

658

Големина на фонт

а а а

Снимката на која матуранти од Техничкото училиште во Задар ѝ ги предаваат клучевите од автомобилот на својата класна раководителка, која останала во целосен шок, го изненади целиот регион. Средношколците на својата професорка Нина Лучиќ ѝ приредиле изненадување на животот и на последниот ден од средното образование ѝ подариле автомобил. Коментарите веднаш почнаа да пристигнуваат.

„Прво мислевме да купиме накит како што сите купуваат, но потоа рековме дека нашата класна едноставно заслужува повеќе поради сè што направи во овие четири години. Каква што беше таа – делата зборуваат повеќе од зборовите“, изјавил матурантот Адриан Париќ за „dnevnik.hr“.

Потоа се огласи и класната раководителка. Во разговор за „Zadarski list“, Лучиќ кажала дека не очекувала толкаво внимание од јавноста, туку само скромно открила дека си ја работи својата работа.

„Кога ќе ја затворам вратата од училницата, имам чувство дека сум во најдоброто опкружување на светот. Обожавам работа со млади. Во нив има толку многу позитивност, љубов… На младите треба да им се даде шанса и да се прашаат, тоа се луѓе кои доаѓаат на училиште со различни приказни, ситуации, семејни проблеми. Тие чувствуваат кога некој навистина ги слуша, затоа многу ми пречи кога се гледаат како бројки, како роботи“, изјавила Лучиќ.

Сè се решава со договор

Таа тврди и дека во нејзините училници нема казнување и дека сè се решава со договор, кој учениците секогаш го почитуваат. Додава дека уште на почетокот договориле важно правило, а тоа е меѓусебното почитување. Истото важи во сите четири училишта во кои работи.

Имено, таа завршила студии по педагогија и социологија, а предава во матичното Техничко училиште, во Поморското училиште, во Стручното училиште „Вице Влатковиќ“ и во Музичкото училиште „Благоје Берса“. Лучиќ тврди дека нема проблем со авторитетот и смета дека младите и понатаму ги почитуваат професорите.


„Тие само бараат време. Темпото на живот е такво што возрасните често немаат време, родителите денес работат по неколку работи за да им обезбедат егзистенција на децата. И тогаш, кога класниот раководител, а работата на класниот е многу повеќе од два училишни часа неделно, ќе почувствува дека на ученикот му е потребен, дека некому му треба поголема поддршка, тогаш му ја дава. Во тоа е целата поента“, вели таа.

„Училиштето е воспитна установа“

За „Zadarski list“ раскажала и дека во училиштето не го сака бирократскиот дел кој, како што вели, ја „гуши“, туку дека ѝ е поважен „хуманиот дел“.

„Училиштето најпрво е воспитна установа, па дури потоа образовна, ми се чини дека тоа се заменило, но има надеж дека се враќаме на почетната позиција. Целта е од училиштето да излезат како добри, чесни и вредни луѓе. Мислам дека во тоа успеав, но морам да нагласам дека имав добар материјал“, додава таа.

„На младите треба да им се всади дека проблемите, а сите ќе ги имаат во животот, ги гледаат како можност за раст. Младите денес знаат да се откажат по првата пречка. Тука влегуваме ние возрасните, во психолошка смисла, тогаш ги туркаме напред, првпат, вторпат, третпат, а подоцна учат и сами. Најсреќна сум кога ќе ми кажат: „класна, ќе решиме, одиме понатаму“ – заклучува омилената професорка од Задар.