Ден за финале: Силекс и Шкендија се борат за 33. Куп трофеј на Македонија

Дерби

20/05/2026

14:11

188

Големина на фонт

а а а

34-то издание на македонскиот фудбалски Куп своја завршница ќе има вечерва на националната арена „Тодор Проески“, стадион на кој силите ќе ги одмерат финалистите Силекс и Шкендија.

Откако стана јасно дека Вардар е новиот шампион на Македонија, остана да се одлучи кој ќе биде нов владетел во најмасовното натпреварување, а одговор на тоа прашање ќе добиеме вечерва со почеток од 20:00 часот.

Тимот од Кратово брка четврта титула во Купот во својата клупска историја, а ова ќе биде ново финале за Силекс по она што го играше во 2022-ра година.

Од друга страна, Шкендија ќе игра за трета титула во Купот на Македонија, додека двата тима по шести пат во својата клупска историја ќе бидат дел од едно финале.

Силекс беше поразен во големото финале во Купот пред четири години од Македонија Ѓорче Петров, во 2021-ва го освои трофејот со победата над Академија Пандев, додека за Шкендија ова ќе биде прво финале по пауза од осум години кога последен пат славеше во Купот.

Што се однесува до натпреварите кои се играа оваа сезона во Првата лига, Шкендија забележа две победи и еден натпревар заврши нерешено, па останува да видиме дали Силекс ќе успее да се реваншира, или ќе мора повторно да му подаде рака на ривалот од Тетово.

Иако ова е завршница на 34-то издание на Купот, денеска ќе го гледаме 33-то финале, од едноставна причина што изостана Куп завршница во сезоната која беше прекината поради Ковид пандемијата.