Компанијата „OpenAI“ воведува револуционерна промена во својот четбот „ChatGPT“, овозможувајќи им на корисниците да ги поврзат своите банкарски сметки за да добиваат персонализирани финансиски совети. Оваа опција се реализира преку стратешко партнерство со платформата „Plaid“, а на корисниците ќе им овозможи директен увид во нивните финансии во рамки на самата апликација.
Партнерство со „Plaid“ и пристап до 12.000 финансиски институции
Благодарение на соработката со „Plaid“, „ChatGPT“ ќе може да пристапува до податоци од повеќе од 12.000 финансиски институции. На листата се наоѓаат гиганти како „Chase“, „Fidelity“, „Schwab“, „Robinhood“, „American Express“ и „Capital One“.
Новата алатка ќе им овозможи на корисниците преглед низ четири клучни категории:
• Успешност на портфолиото;
• Навики и активности на трошење;
• Активни претплатнички сервиси;
• Идни сметки и финансиски обврски.

Што може да гледа „ChatGPT“, а што му е строго забрането?
Безбедноста на податоците била приоритет при развојот на оваа функција. Пристапот што го има „ChatGPT“ е исклучиво „read-only“ („само за читање“), што значи дека четботот може да анализира состојби, трансакции, инвестиции и долгови, но нема овластување да префрла пари или да презема какви било активности во име на корисникот.
Исто така, целосните броеви на сметките нема да бидат видливи во системот. Корисниците кои ќе одлучат да ја прекинат врската со своите банки, тоа ќе можат да го направат преку поставките, по што сите повлечени податоци ќе бидат избришани во рок од 30 дена.

Во иднина следуваат даночни совети и проценка за кредити
Иако функцијата моментално е достапна во тест-верзија за „Pro“ претплатниците, кои услугата ја плаќаат 100 долари месечно, плановите за иднината се амбициозни.
„OpenAI“ планира интеграција со системот „Intuit“, што би му овозможило на ботот да проценува како продажбата на акции влијае врз даночните обврски на корисниците, но и колкави се шансите да им биде одобрена нова кредитна картичка.
Извршниот директор на „Plaid“, Зак Перет, истакна дека ова е само почетна точка кон создавање „поголема финансиска слобода“ за корисниците и дека производот значително ќе се развива во наредните години.
Фактот што веќе повеќе од 200 милиони корисници месечно поставуваат финансиски прашања на „ChatGPT“ го потврдува огромниот потенцијал на оваа алатка.











