Малкумина при спомнувањето на името Леброн Џејмс би помислиле на фрлач на копје. За светот, тоа име е асоцијација на еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, но … се појави уште еден Леброн Џејмс – само што неговото оружје не е топката, туку копјето.
Социјалните мрежи буквално експлодираа по веста за 21-годишниот атлетичар кој ги поместува границите, откако го собори NCAA рекордот на јуниорските колеџи во фрлање копје.
Младиот Леброн Џејмс, кој настапува за Њу Мексико Џуниор Колеџ, успеа да фрли копје дури 77,91 метар и со тоа не само што ја освои шампионската титула, туку и го сруши досегашниот рекорд на Марк Феликс, кој изнесуваше 76,29 метри.
Овој неверојатен резултат веднаш го привлече вниманието на американската јавност, но предизвика и лавина шеговити коментари поради фактот што атлетичарот носи едно од најпознатите имиња во историјата на спортот.
LeBron James breaking NJCAA national records 👑
— theScore (@theScore) May 15, 2026
James, a freshman at New Mexico Junior College, set the record with a throw of 77.91M.
(🎥: @NMJCTbirds) pic.twitter.com/SfFAVKDex0
„Значи, Леброн решил да ги искористи преостанатите години од колеџ-стипендијата во друг спорт!“, „Замислете родителите да ве крстат Леброн Џејмс, а вие наместо кошарка да изберете фрлање копје.“, „На момчето итно му треба прекар, инаку никој никогаш нема да може да го најде на ’Google‘ покрај вистинскиот Леброн“ – се само дел од коментарите кои станаа вирални на интернет.
Младиот атлетичар има потекло од Тринидад и Тобаго, а интересно е што е роден во 2003 година, кратко откако кошаркарскиот Леброн Џејмс беше избран како прв пик на NBA драфтот и ја започна својата легендарна кариера.
Инаку, ова не е првпат атлетичарот Леброн Џејмс да го привлече вниманието кон себе, бидејќи и во претходните недели постојано соборуваше лични и училишни рекорди, но сега дефинитивно постигна резултат што го лансираше во фокусот на јавноста.







