Денес, во 20.15 часот, ќе биде прикажана финалната епизода од првата сезона на „Буквождер“, новата анимирана серија инспирирана од култниот свет на „Бушава азбука“.
Една од најважните македонски едукативно-забавни приказни „Бушава азбука“, со „Буквождер“ доби современо продолжение за новите генерации на деца. Серијата ги следи Дарија, Марко, Филип и нивниот верен бувчето Ѕе во авантура низ свет во кој буквите исчезнуваат, а децата се тие што треба да ги вратат зборовите, јазикот, фантазијата и радоста на комуникацијата.
Финалето на првата сезона ја заокружува големата потрага по буквите и ја носи приказната до момент во кој хероите се соочуваат со најважното прашање: Што значат буквите кога зад нив стојат пријателството, храброста, различноста и љубовта кон јазикот?
„Буквождер“ е можност да се вратиме во еден свет што сите го паметиме, но без да го повторуваме. Сакавме да создадеме нова приказна што ќе им припаѓа на денешните деца со нивниот ритам, нивниот хумор и нивната чувствителност. Финалето ја носи токму таа емоција, дека буквите не се само знаци, туку начин да се разбереме, да се поврземе и да раскажуваме. Во средина во која, за жал, сè уште не се вложува доволно во квалитетна содржина за деца, „Буквождер“ беше проект направен со огромен труд, инает и љубов. Затоа сум особено горд што успеавме да ја реализираме првата сезона и се надевам дека ова е само почеток на уште многу години „бушави“ приказни,“ изјави Георги М. Унковски, режисер на „Буквождер“.
Погледнете ги сите досегашни епизоди пред финалето на првата сезона:
Продукцијата на „Буквождер“ беше развиена како дел од пошироката визија за создавање нов „Бушав универзум“, простор во кој македонската кирилица, детската фантазија, културното наследство и современата продукција се среќаваат во содржина што зборува и на децата и на родителите.
„Буквождер“ за нас беше природен чекор, да ја искористиме нашата сила во раскажување приказни и да ја пренесеме во светот на децата, јазикот, буквите и имагинацијата. Од самиот почеток ни беше важно ова да не биде само носталгија. „Бушава азбука“ е огромно културно наследство, но „Буквождер“ треба да стане нова приказна за нови генерации. Со финалето на првата сезона, чувствуваме дека направивме важен прв чекор во таа насока,“ изјави Мите Кузевски, продуцент и коосновач на Види Вака Раскажувачко Студио.
„Буквождер“ ја продолжува идејата дека учењето може да биде игра, дека јазикот може да биде авантура и дека децата најдобро учат кога содржината ги почитува нивната љубопитност, нивната интелигенција и нивната фантазија. Во серијата, буквите не се само дел од азбуката, туку живи ликови, пријатели и симболи на еден свет што постои додека има кој да чита, да пишува, да зборува и да замислува.
„Оваа серија ја создававме со голема почит кон наследството на „Бушава азбука“, но и со јасна желба да отвориме ново поглавје. Веруваме дека македонските деца заслужуваат квалитетна домашна анимација, приказни на свој јазик и ликови со кои ќе растат. Финалето не е само крај на една сезона, туку покана овој свет да продолжи да живее,“ изјави Горан Игиќ, продуцент и коосновач на Види Вака Раскажувачко Студио.
Финалната епизода од првата сезона на „Буквождер“ ќе биде достапна оваа сабота во 20.15 часот на Јутјуб каналот на „Буквождер“ и на „МРТ“. Тимот ги повикува децата, родителите, наставниците, љубителите на „Бушава азбука“ и сите што веруваат во силата на македонскиот јазик да ја погледнат последната епизода и заедно да ја заокружат првата сезона од оваа нова бушава авантура.













