[ВИДЕО] Слаткар пред „Полиграф“ кај Стефонатор: Открива зошто не се смета за најголема музичка ѕвезда во Македонија, прескокна и едно лично прашање...

Точка

22/06/2026

12:00

998

Големина на фонт

а а а

Марко Маринковиќ – Слаткар во емисијата „Полиграф“ на јутјуберот Стефонатор, беше ставен на „тест“ и одговараше на многу прашања, дел од нив лични и емотивни.

Кога јутјуберот Стефонатор во својот подкаст „Полиграф“ го праша Слаткар дали се смета за најголемата музичка ѕвезда во Македонија, раперот без никакво двоумење кратко одговори: „Не“.

Наместо да ја искористи можноста за лична промоција, Слаткар покажа скромност и посочи дека македонската музичка сцена има голем број артисти кои, според него, оставиле сериозен белег и заслужуваат огромна почит.


Со својот одговор, тој јасно стави до знаење дека успехот не го гледа низ индивидуална доминација, туку како дел од генерација уметници кои со години ја градат домашната музичка сцена и поставуваат стандарди во индустријата.

„Има многу музички ѕвезди. Еден Кирил Џајковски, една Калиопи, Каролина, Влатко, Владо Јаневски… има едно 10 минимум пред да замислам дека јас можам да застанам во тој ред,“ вели тој и додава дека мисли оти „не е ни на пола пат“ и дека не е фер да се става себеси во било каков контекст „најголем“.

Слаткар се наврати и на една од своите најемотивни песни, „Да полетам“. Песната, која во повеќе наврати јавно ја има посветено на својот покоен татко, добива нова тежина со годините. Денес, вели тој, го погодува повеќе отколку кога ја напишал.


„Мислам дека сум позрел. Таа беше зрела песна напишана од во тоа време незрело дете“, објасни Слаткар во разговорот. Кога Стефонатор прашува дали има нешто што никогаш не успеал да му каже на татко му, тој кратко одговара: „Да“, но веднаш додава дека не сака да зборува за тоа и го користи Кока-Кола копчето што е сигнал дека прашањето е премногу лично.

Во истиот дел од разговорот тој сепак открива дека никогаш не се чувствувал како да го разочарал татко му, иако од него се очекувало да стане доктор. Во емисијата вели дека не се носи со чувство на вина за изборот на професија. Наместо тоа, во неговите одговори се чита сигурност дека патот кој го избрал, музиката. е нешто зад што цврсто стои.

Погледнете ја цела емисија во продолжение: