Синдромот кој погодува милион жени ширум светот доби ново име: За тоа постои добра причина

Точка

15/05/2026

20:52

385

Големина на фонт

а а а

Пред околу еден век, хирурзи кои оперирале жена забележале нешто што изгледало како мали кесички на нејзините јајници.

 Помислиле дека можеби станува збор за цисти, па кога ја именувале нејзината состојба — таа имала и високо ниво на машки хормони и не можела да забремени — ја нарекле „синдром на полицистични јајници“ (ПЦОС/PCOS), пишува „Тајм“.

Во тоа време, тоа имало смисла. Но, лекарите тогаш не можеле да знаат дека репродуктивните проблеми кај жената биле само еден симптом на многу пошироко ендокрино нарушување. Истражувањата во изминатиот век покажаа дека оваа состојба влијае и врз метаболизмот, кардиоваскуларниот систем и здравјето на кожата. Научниците откриле и дека лицата со синдром на полицистични јајници имаат значително повисок ризик од дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.


Но, токму тие „цисти“ долго време го попречувале вистинското разбирање на болеста.

„Тие всушност воопшто не биле вистински цисти“, вели д-р Хелена Тид, ендокринолог и професорка по Здравје на жените на Универзитетот „Монаш“ во Австралија. Станувало збор за јајце-клетки чиј развој бил запрен како последица на пошироко хормонално нарушување. Во најновите насоки за дијагностицирање на ова нарушување, прегледот на јајниците веќе не е задолжителен.

Сепак, перцепцијата дека ова е исклучиво болест на јајниците останала присутна. На 12 мај, научно списание објави резултати од иницијатива што трае повеќе од една деценија, предводена токму од д-р Тид — ПЦОС сега официјално се преименува во ПМОС/PMOS, односно „полиендокрин метаболен оваријален синдром“.

Поддржувачите на промената сметаат дека новото име ќе помогне подобро да се разбере вистинската природа на нарушувањето, и кај пациентите и кај лекарите, но и ќе отвори повеќе можности за научни истражувања и финансиска поддршка.


„Сè уште имаше огромен број жени кои веруваа дека имаат цисти на јајниците, а загрижувачки беше што и многу здравствени работници го мислеа истото“, вели Рејчел Морман, претседателка на британската организација „Верити“ и пациентка со ова нарушување.

Според експертите, ова недоразбирање често доведува до доцна дијагноза и несоодветен третман.

„Нема друга состојба што ја лекувам, а речиси секоја пациентка што ќе влезе во ординацијата да не заврши во солзи затоа што конечно некој ја слушнал“, вели д-р Тид. „Кога конечно ќе разберат што им се случува, чувствуваат огромно олеснување.“

Новото име има цел да ја прикаже состојбата како комплексно хормонално нарушување што влијае и врз метаболизмот, а не само врз репродуктивното здравје. Лекарите се надеваат дека тоа ќе донесе и промени во третманот.

„Повеќето жени не добиваат соодветни метаболички прегледи“, предупредува д-р Мелани Кри, педијатриски ендокринолог од Универзитетот во Колорадо. Тоа значи дека сериозни здравствени проблеми можат да останат незабележани со години.

Кај тинејџерките со ПМОС, кардиоваскуларните проблеми може да започнат многу рано, но најчесто третманот е насочен само кон симптомите поврзани со менструалниот циклус и плодноста, без разговор за метаболичките ризици.

Според новите критериуми, ПМОС се дијагностицира ако пациентката исполнува два од следните три критериуми:


• покачено ниво на машки хормони (андрогени),

• нередовни менструални циклуси,

• високо ниво на антимилеров хормон (АМХ/AMH) во крвта или присуство на многу неразвиени фоликули на ултразвук.

Д-р Тид објаснува дека околу 60 проценти од жените можат да бидат дијагностицирани само врз основа на првите два критериуми, без потреба од ултразвук.

Се очекува новото име постепено да биде прифатено во медицинската заедница во следните три години, а ПМОС официјално да го замени ПЦОС во меѓународната класификација на болести во 2028 година.