Македонија вчера го одработи својот тренинг во Прешов и направи завршни подготовки за првиот бараж меч со Словачка на нејзин терен, натпревар на кој ќе биде многу важно да се одигра паметно и концентрирано во текот на сите 60 минути.
Селекторот Кирил Лазаров во најавата за овој двомеч потсети на непријатното искуство кое го имаа во баражот за СП со Фарски Острови, а Никола Митревски како најискусен играч во репрезентацијата вели дека мора да се биде претпазлив против тим кој е целосно непознаница за сите во селекцијата.
– Овој двомеч е голема непозната за нас, никогаш не сме играле против Словачка. Очекувам тежок и неизвесен натпревар, особено поради тоа што играме на гостински терен. Доволно добро се подготвивме, а големите натпреварувања кои ги имаме зад нас ни даваат за право да очекуваме добар и позитивен резултат.
– Сепак, не очекувам ништо да биде решено тука на првиот меч, ова е само прво полувреме од двомечот за Светско првенство. Ќе се обидеме да го дадеме максимумот и да извлечеме што е можно поповолен резултат за Скопје, – изјави репрезентативниот голман.
Првиот бараж натпревар се игра денеска во Прешов со почеток од 19:00 часот.






