Филков: Новиот Закон за пробација воспоставува поефикасен систем, посилна ресоцијализација и поголема заштита на жртвите

Макфакс

12/05/2026

14:36

133

Големина на фонт

а а а

Министерството за правда ја претстави новата законска иницијатива за пробација која има за цел да го унапреди системот на извршување казни и примена на пробациски мерки. Законот носи поефикасен пристап во ресоцијализацијата на лицата и заштита на жртвите, со воведување современи процедури и електронски регистар. Ова е дел од пошироките реформски процеси за модернизација и почитување на човековите права согласно европските стандарди.

На денешната јавна расправа за Предлог-законот за пробација, министерот за правда Игор Филков истакна дека новото законско решение претставува значаен чекор кон воспоставување современ, поефикасен и поправеден систем за извршување на санкциите и примена на пробациските мерки.

„Со ова законско решение воспоставуваме јасен и модерен пробациски систем кој носи три клучни резултати: поефикасно извршување на мерките во заедницата, посилна ресоцијализација на лицата опфатени со санкции и повисоко ниво на заштита на жртвите“, рече министерот Филков.

Управата за извршување на санкциите добива проширена координациска и надзорна улога, додека Секторот за пробација се позиционира како централен носител на стручните процеси. Воедно, се воспоставува единствен електронски регистар за лицата опфатени со пробациски мерки, што ќе овозможи континуирано следење и подобра институционална координација.

Законот воведува проценка на ризик во текот на кривичната постапка, по барање на суд или јавен обвинител, со што се зајакнува стручната основа за носење одлуки и се унапредува примената на алтернативни мерки.

„Во новата правна рамка се вградуваат високи стандарди за човекови права, преку заштита од тортура и нечовечко постапување, недискриминација, заштита на личните податоци и доследна примена на презумпцијата на невиност“, нагласи министерот.

Во рамки на законот се воведува и родово сензитивна терминологија, како и проширени основи за еднаков третман, со што дополнително се зајакнуваат принципите на еднаквост и правичност.

Посебен акцент е ставен на индивидуалната програма за третман, која ќе претставува основа за персонализиран пристап кон секое лице опфатено со пробациски мерки, со јасно дефинирани цели, активности и времетраење на надзорот.

Новите законски решенија предвидуваат и унапредување на работата на пробациските службеници преку подобри алатки за теренска работа и електронско следење, како и засилена координација со Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции.

Со законот, мерката куќен затвор добива појасна структура преку примена на електронски надзор и јасно дефинирани процедури за постапување во различни ситуации, вклучително и итни медицински случаи.

Во делот на условниот отпуст, се воспоставува заеднички систем за проценка меѓу казнено-поправните установи и пробациската служба, со цел подобра поврзаност меѓу институционалниот третман и ресоцијализацијата во заедницата.

За првпат, законот содржи и посебна глава посветена на жртвите на кривични дела, со конкретни обврски за пробациските служби во насока на нивна заштита, спречување на повторна виктимизација и навремено информирање, особено во случаи на семејно и родово базирано насилство.

„Системот станува поорганизиран, поодговорен и подобро поврзан меѓу институциите. Се поставуваат јасни правила, прецизни надлежности и мерливи процедури за постапување. Резултатот е поголема безбедност за граѓаните, помал ризик од повторување на кривични дела и поефикасна правда што делува во заедницата“, порача министерот за правда Игор Филков.

Предлог-законот за пробација е дел од реформските процеси насочени кон модернизација на системот на извршување санкции и усогласување со современите европски стандарди.