[ВИДЕО] Независноста на Македонија ќе се слави еден месец, големото финале ќе биде на 8 септември со настап на Дејвид Гета

Макфакс

12/05/2026

12:31

687

Големина на фонт

а а а

Македонија ги слави 35 години од својата независност со еден месец културни настани, кои ќе кулминираат со голем концерт на светскиот ди-џеј Дејвид Гета во Скопје. Владата најавува учество на над 120 македонски уметници и детални програми што ќе бидат достапни на посебна платформа. Влезот за концертот ќе биде бесплатен, но ќе бара онлајн регистрација со мала сервисна цена.

Триесет и петгодишнината од независноста на Македонија ќе се слави еден месец, од 8 август до 8 септември. Централниот настан ќе биде на 8 септември на Градскиот стадион во Скопје со настап на познатиот ди-џеј Дејвид Гета. Од Владата најавија дека ќе има настани низ повеќе градови во Македонија со учество на над 120 македонски уметници, а деталите ќе бидат објавувани од утре, за што ќе биде изготвена и посебна веб-страница.

„Оваа година ги одбележуваме 35 години независност од македонската држава. Јубилеј кој претставува историска точка што нè обврзува со достоинство, визија, но и одговорност да ја раскажеме приказната за државата низ културата, уметноста и современиот национален израз. Токму затоа, цениме дека на овој голем државен јубилеј му е потребен и голем, репрезентативен и долгорочно значаен проект. Проект кој за нас и за целата држава нема да биде само настан, туку национална културна манифестација од највисок ранг, со амбиција да остави трајна вредност и силна трага во културната историја на Македонија“, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.

 Бобан Милошески од АВAЛОН Продукција најави светско шоу на Дејвид Гета.

„Се работи за нешто од музички и продукциски аспект досега невидено во европски, па и во светски рамки“, рече тој.

Пред да дојде во Скопје, Дејвид Гета, ќе настапи со истото шоу пред стотици илјади луѓе во Париз, Амстердам, Милано…

Влезот на Градски ќе биде бесплатен, ќе биде потребна само претходна онлајн регистрација што ќе чини 35 денари. Од еден мејл ќе може да се регистрира по две влезници. Милошески вели дека мора да има влезници за да се запази капацитетот на стадионот.

Резервација ќе биде можна од петок, а утре во 11 часот ќе бидат објавени повеќе детали за сите настани.

Милошески, исто така, кажа дека нема да се ограничи настанот само за Македонија, туку истиот ќе биде промовиран и во земјите од регионот.