Роберт Левандовски во август ќе го прослави 38. роденден со тоа што дотогаш може ќе ја промени средината и нема повеќе да го гледаме во дресот на Барселона.
Договорот му завршува на крајот на месец јуни и засега нема јасен одговор за иднината, поточно има доста прашалници. Тој веќе некое време се поврзува со можна преселба во Италија, се споменуваат Соединетите Американски Држави, ама не се исклучува и останување во Барса по сосема други услови од сегашните.
Засега останува се отворено, а токму тоа го потврди и самиот Левандовски кој во тековнава сезона има 18 гола и 4 асистенции на 43 натпревари.
- Може да има опција да играм во послаба лига. Имам речиси 38 години, но се чувствувам добро физички, па затоа размислувам за тоа. Морам да ја земам предвид можноста дека е време да играм и да уживам во животот. Можеби таа опција ќе се појави и не ја исклучувам.
- Што ќе правам на есен? Не знам. Само што дознав дека имам уште 51 ден од договорот, па сè уште имам време. Ќе слушнам уште неколку понуди и потоа ќе одлучам, - порача Лева кој има освоено лигашки пехари со сите клубови во кои има настапувано.







