Рио Фердинанд, Вејн Руни и Рој Кин се три легенди на Манчестер Јунајтед кои од самиот старт му даваа предност на Арсенал во битката за титулата во Премиер лигата, а во ситуација кога „топчиите“ дојдоа на само два чекор од најголемиот успех во последните две децении, полека се прават проекции за тоа како може да изгледа завршницата на месец мај.
Арсенал го чекаат уште два натпревари во Премиер лигата против Барнли и Кристал Палас за потврда на толку очекуваниот трофеј, но на крајот на месец мај го чека и финале во Лигата на шампиони против ПСЖ.
Тимот на Микел Артета остана жив во двете најважни натпреварувања до самиот крај, а сега Фердинанд типува дека Арсенал ќе излезе како победник во сите три најважни битки до крајот на сезоната.
– Кажав дека Арсенал ќе ја освои Премиер лигата оваа година и мислам дека набрзо тоа ќе се случи. Покрај тоа, сега мислам дека Арсенал ќе ја освои и Лигата на шампиони, а ќе ви објаснам и зошто.
– ПСЖ е подобар тим, игра 100 проценти подобар фудбал и го имаат најдобриот тренер во светот, но видов дека се многу ранливи при прекини. Дури и Баерн кој не е толку добар при прекини, им правеше многу проблеми и правеа да се чувствуваат некомотно.
– Арсенал е најдобриот тим во Премиер лигата од прекини, знаат да профитираат од корнери и слободни удари и можат да предизвикаат апсолутен масакар за овој низок тим на ПСЖ. Физички гледано, играчите на ПСЖ не можат да се носат со оние на Арсенал при прекини и очекувам да им нанесат голема штета , – изјави Фердинанд.






