Снимките споделени на социјалните мрежи прикажуваат лагуни во нијанси на жолта, зелена и сина боја, кои на целото место му даваат вонземски карактер.
Сепак, вакви глетки можете да видите и во живо доколку го посетите Чиле и тоа регионот Атакама.
Станува збор за Салар де Горбеа, солено езеро кое е релативно изолирано и често се поврзува со вулканско подрачје, типично за високите андски висорамнини.
Сместено е на околу 3.950 метри надморска височина во планините на регионот Атакама, а оваа солена рамнина е засолниште на зелени, жолти и тиркизни лагуни и црвеникави планини. Истовремено, нуди едно од највпечатливите природни искуства во Чиле.
Една од највпечатливите карактеристики на соленото езеро Салар де Горбеа се повеќебојните лагуни. Далеку од тоа дека се само визуелен ефект, овие уникатни нијанси имаат научно објаснување поврзано со составот на почвата и вулканската активност.
Интензитетот на неговите бои е последица на комбинација од присуство на минерали — железо, магнезиум и главно сулфур — висока концентрација на сол, како и екстремофилни микроорганизми, односно микроскопски живот способен да преживее во екстремни услови на околината, но и зрачење и испарување.
При посетата на регионот Атакама, почетната точка на експедицијата обично е градот Диего де Алмагро, кој е оддалечен 150 километри северно од Копијапо, главниот град на регионот Атакама.

Најдобро време за посета е меѓу септември и март, кога времето е постабилно, а лагуните ги покажуваат своите најинтензивни бои.
И покрај екстремната соленост и надморската височина, овој екосистем може да се пофали со изненадувачка биолошка разновидност. Меѓу неговите најзначајни жители се викуњите (вид лама), Бејрдовите песочарки, (вид птица), а повремено и фламинга.
Овие животни зависат од многу специфични услови за опстанок; затоа посетителите треба да одржуваат дистанца и да не ги вознемируваат животните за време на посетата.









