Судијката Жаклина Доведен не донела одлука самата да се изземе од предметот во случајот со петгодишното дете и мајката Невена Спасеска, туку барањето поднесено од правниот тим на мајката го препратила на одлучување до Врховниот суд. Ова за А1он го потврдија од Апелациониот суд во Битола.
Барањето за изземање доаѓа откако таткото поднесе жалба на новата пресуда на Основниот суд во Охрид, со која во повторената постапка детето беше доверено на мајката Невена Спасеска. Со жалбата, предметот повторно треба да се разгледува во Апелациониот суд во Битола, каде како претседател на судот постапува Жаклина Доведен, чија претходна одлука во истиот предмет минатата година беше укината од Врховниот суд.
Правниот тим на мајката бара изземање на Доведен поради сомнеж за нарушена објективност и пристрасност. Во барањето се посочува на одлуката на Судскиот совет дека Жаклина Доведен постапила незаконски кога извршила промена на член во Судечкиот совет еден ден пред донесувањето на пресудата, при што вклучила кривичен судија кој немал време ниту да го проучи предметот.

Дополнителен аргумент на одбраната е и тоа што Доведен не дозволувала увид во предметот на адвокатите на мајката, а Судскиот совет подоцна оцени дека за тоа немало никаква законска пречка и дека увидот бил нивно законско право.
Според правниот тим на мајката, сите овие околности создаваат основан сомнеж дека Доведен не може повторно непристрасно да одлучува во истиот случај.
Сега Врховниот суд ќе треба да оцени дали овие околности се доволна причина претседателката на Апелациониот суд во Битола, Жаклина Доведен, да биде изземена од понатамошното постапување во еден од најследените семејни судски случаи во јавноста.
Пропустите поради кои Врховниот суд ја укина претходната пресуда
Врховниот суд на 3 јули минатата година ја укина пресудата на Жаклина Доведен со која детето го довери на таткото од Охрид.
- Во образложението, Врховниот суд наведе дека пресудата е „нејасна и неразбирлива“, дека не содржи доволно образложени причини за решителните факти врз основа на кои е донесена, а дел од причините не произлегуваат од изведените докази.
- Доведен одлуката ја темелеше врз мислење на Центарот за социјална работа во Охрид кој беше прогласен за ненадлежен, на нелиценциран вештак-педагог за конкретниот случај, како и на искази на роднини на таткото. Во пресудата Доведен „аргументитираше“ дека детето треба да му биде доверено на таткото бидејќи „се од ист пол“, затоа што таткото е „материјално обезбеден“ и дека за детето било подобро да расте во помала средина.
- Врховниот суд утврди и дека Доведен одлучувала без воопшто да ги утврди и наведе и родителските капацитети на мајката.

- Врховниот суд кога ја укина пресудата на Доведен, укажа дека погрешила што се повикала на мислењето на Центарот за социјална работа во Охрид, а кој сметал дека детето треба да се довери на таткото, иако од надлежното министерство бил прогласен за ненадлежен да дава мислење. Врховен суд смета дека Апелациониот суд во Битола , односно Доведен, требало да го земе во предвид мислењето на Министерството за труд и социјална политика дека единствено надлежен да дава мислење е Центарот за социјална работа во Скопје кој имаше став дека за детето треба да се грижи мајката и која ја има оценето со одлични оценки.
- Замерка за Доведен од Врховниот суд беше и дека не утврдила кој е најдобриот интерес за детето и дека не ги извела сите релевантни докази за да одлучи на кој од родителите треба да се довери детето.
Сега, Врховниот суд ќе треба да одлучи дали сите овие околности и одлуката на Судскиот совет се доволни аргументи за изземање на судијката Жаклина Доведен, односно дали во повторената постапка таа ќе може да одлучува непристрасно, независно и објективно.















