Претседателката на Советот на Општина Аеродром, Сузана Павловска, ги критикува обвинувањата од страна на СДС како неосновани и политички мотивирани, истакнувајќи дека општината вложува во инфраструктурни проекти и уредување на јавни површини со цел подобрување на условите за граѓаните. Таа потенцира дека денешното раководство работи транспарентно и одговорно, во спротивност со минатите владеења.
Изразуваме жалење поради тоа што СДС продолжува со праксата на ширење неосновани и политички мотивирани обвиненија, без реална поврзаност со потребите на граѓаните во Општина Аеродром, изјави претседателката на советот на општината, Сузана Павловска.
„Со последното соопштение за реконструкцијата на тротоарите, СДС покажа отсуство на идеи и визија, како и одбивност да признае дека во Општина Аеродром сега се работи многу одговорно, домаќински и секогаш во интерес на граѓаните.
Особено иронично е што токму тие зборуваат за тротоари и јавни површини кои биле запоставени со години, токму во нивниот мандат. Сега, откако се конечно се реконструираат пешачките површини во реоните Три Бисери, Ново Лисиче и Лисиче, тие наместо да го поздрават тоа, тоа го претставуваат како проблем, иако ваквите решенија се нешто што граѓаните долго го очекуваа“.
Павловска нагласи дека СДС манипулира со тврдењата за менување на „здрави плочки“, занемарувајќи дека сите реконструкции се вршат според увид на лице место, професионални проценки и реална потреба за зголемена безбедност и функционалност на јавните простори.
„Наместо да ги поздрават вложувањата во инфраструктурата, тие избираат да се занимаваат со непотребна политичка хистерија.
Плочниците што ги критикуваат сè уште не се завршени, што ја прави нивната констатација за наводни „аномалии“ неразбирлива, бидејќи работите се во тек.
Изведувачот има обврска да ги предаде објектите на Општината во целосно функционална и уредна состојба, во согласност со сите стандарди“.
Кога слушаме вакви обвинувања од СДС, се создава впечаток дека тие заборавиле на лошата состојба во која овие тротоари се наоѓаа во минатото, кога тие ја управуваа општината.
„Денес, кога се работи и се вложува, тие сакаат да профитираат политички преку критики кон проекти кои долги години беа неопходни на граѓаните.
Додека СДС само ветуваа, ние реално градамe и реконструираме: нови училишта, градинки, спортски сали, улици и јавни површини.
За разлика од нивниот мандат кога парите често исчезнуваа, денес секој денар од општинскиот буџет оди за видливи резултати и капитални проекти, при што јавноста е целосно информирана и транспарентна“.
Павловска подвлече дека СДС не може да ги прифати промените и уредната работа која денес се случува во Општина Аеродром.
„Денес, наместо тендери за одредени структури и празни политики, граѓаните гледаат реални проекти, инвестиции и работа на терен.
Повикот кон СДС е да престанат со политички манипулации и да станат конструктивна опозиција, водејќи се од интересите на граѓаните, а не од дневните политички поени.
Општина Аеродром ќе продолжи цврсто, со одговорност и посветеност да го унапредува животот на секој жител и секој дел во општината“.















