Веста за наводната тепачка меѓу Федерико Валверде и Орелиен Чуамени на тренингот на Реал Мадрид ги наполни насловните страници на светските спортски медиуми. Во извештаите се наведуваше дека Валверде по инцидентот завршил во болница со повреда на главата и трауматска повреда на мозокот. Поради сето тоа, реши да реагира самиот уругвајски репрезентативец.
„Вчера имав инцидент со соиграч за време на тренингот. Заморот од натпреварите и фрустрацијата направија сè да изгледа многу полошо отколку што навистина беше. Во нормална соблекувална вакви работи можат да се случат и обично се решаваат интерно, без да излезат во јавност. Очигледно е дека некој овде шири гласини, а во сезона без трофеи, кога Реал Мадрид секогаш е под лупа, сè дополнително се преувеличува“, започна Валверде.
„Имавме едно несогласување и за време на расправијата случајно удрив во маса, поради што заработив мала расекотина на челото и морав рутински да заминам во болница. Мојот соиграч во ниту еден момент не ме удри, ниту јас го удрив него, иако разбирам дека на луѓето им е полесно да веруваат дека сме се тепале или дека сè било намерно, но тоа не се случи. Чувствувам дека бесот поради целата ситуација и фрустрацијата затоа што некои од нас се борат да ја истуркаат сезоната до крај, давајќи сè од себе, доведоа до конфликт меѓу соиграчи.“
🚨 OFFICIAL: Fede Valverde statement.
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) May 7, 2026
“Yesterday I had an incident with a teammate during a training session. The fatigue from competition and the frustration made everything seem blown out of proportion”.
“In a normal locker room, these things can happen and are usually… pic.twitter.com/LGJxmsMhAx
„Жал ми е. Навистина ми е жал, затоа што оваа ситуација ме боли, како што ме боли и моментот низ кој поминуваме. Реал Мадрид е една од најважните работи во мојот живот и не можам да бидам рамнодушен кон тоа. Сè е резултат на наталожени работи кои кулминираа со бесмислена расправија, нарушување на мојот имиџ и оставање простор за измислици, клевети и дополнително долевање масло на огнот поради еден несреќен инцидент.“
„Немам никакво сомневање дека сите недоразбирања што евентуално ги имаме надвор од теренот исчезнуваат кога ќе излеземе на теренот и ако треба да го бранам овој клуб на стадион, прв ќе го направам тоа. Не сакав да зборувам до крајот на сезоната. Испаднавме од Лигата на шампионите и својот бес и разочарување ги држев во себе. Прокоцкавме уште една година и не бев во ситуација да објавувам работи на социјалните мрежи кога сметав дека единственото лице што треба да го покажам е она на теренот, и верувам дека токму тоа и го правев.“

„Поради тоа најмногу ме боли и растажува што поминувам низ ситуација која, поради медицинска одлука, ме спречува да настапам на следниот натпревар. Секогаш сум давал сè од себе до самиот крај и повеќе од кого било ме боли што сега не можам да помогнам. На располагање сум му на клубот и на своите соиграчи за секоја одлука што ќе ја сметаат за потребна“, порача Валверде, кој поради здобиената повреда ќе го пропушти неделното гостување кај Барселона во рамките на 35. коло од Ла Лига.












