Оваа промена предизвика големи реакции кај корисниците и експертите за приватност.
„Instagram“ од денес официјално ја укинува end-to-end енкрипцијата за директните пораки, односно DM пораките. Тоа значи дека пораките повеќе нема да имаат највисоко ниво на приватна заштита, кое досега спречуваше дури и самата компанија „Meta“ да ја гледа содржината на разговорите.
Оваа промена предизвика големи реакции кај корисниците и експертите за приватност, бидејќи станува збор за функција која досега ги штитеше пораките од пристап на трети страни, вклучувајќи хакери, интернет-провајдери, па дури и самата платформа.
Што всушност е end-to-end енкрипција?
End-to-end encryption или E2EE функционира така што само испраќачот и примачот можат да ја прочитаат пораката. Дури ни „Instagram“, односно „Meta“, технички не можеше да ја види содржината на тие разговори додека заштитата беше активна.
Тоа е истиот тип заштита што го користат апликации како „WhatsApp“ и „Signal“. Без таа заштита, пораките повеќе не се изолирани на ист начин, што значи дека „Meta“ потенцијално може да пристапи до содржината на DM пораките во одредени ситуации или да ги користи за модерација и безбедносни системи.

Зошто „Instagram“ ја укинува заштитата?
Од „Meta“ тврдат дека причината е „многу малата употреба“ на енкриптираните DM пораки на „Instagram“. Портпарол на компанијата изјавил дека многу мал број корисници активно ја користеле оваа опција, поради што било одлучено таа да биде укината.
Меѓутоа, бројни експерти сметаат дека причината не е само малата популарност на функцијата. Во последните години „Meta“ е под силен притисок од регулатори, полициски агенции и организации за заштита на деца, кои тврдат дека енкрипцијата го отежнува откривањето нелегална содржина и криминални активности.
Поради тоа, дел од аналитичарите сметаат дека станува збор за компромис помеѓу приватноста и надзорот на содржината.
Дали тоа значи дека некој сега може да ги чита вашите пораки?
Тоа не значи дека „сите“ ќе можат да ги гледаат вашите DM пораки, но нивото на заштита сепак е помало од претходно.
Без E2EE заштитата, „Meta“ сега технички има можност за поголем пристап до содржината на пораките отколку додека енкрипцијата беше активна. Исто така, експертите предупредуваат дека отстранувањето на енкрипцијата го зголемува потенцијалниот ризик во случај на хакирање на системот или протекување податоци.
За просечниот корисник можеби нема да има видливи големи промени во секојдневното користење на апликацијата, но луѓето кои разменуваат чувствителни информации сега имаат помалку приватност од порано.

Што можат да направат корисниците?
Од „Meta“ им препорачуваат на корисниците кои сакаат поприватни разговори да го користат „WhatsApp“, каде што end-to-end енкрипцијата и понатаму е вклучена по автоматизам.
Експертите за дигитална безбедност дополнително ги препорачуваат апликациите како „Signal“ за максимална приватност во комуникацијата.
Во исто време, на корисниците на „Instagram“ им се советува внимателност при споделување лични податоци, фотографии од документи, лозинки и други чувствителни информации преку DM пораки, пишува „BBC“.














