Славниот оскаровец Роберт Дауни Џуниор остро ги критикувал тврдењата дека инфлуенсерите се ѕвезди на иднината, нарекувајќи ги апсолутна глупост.
Ѕвездата на филмовите на Марвел предупредил на површноста на социјалните мрежи, притоа нарекувајќи ги инфлуенсерите продавачи на магла во информациското доба.
Гостувајќи во поткастот „Conversations for our Daughters“, Роберт Дауни Џуниор детално се осврнал на феноменот на инстант-ѕвезди кои стекнуваат слава исклучиво снимајќи се самите себе. Иако признал дека таа нова дигитална територија е неизбежна, актерот им порачал на младите да се насочат кон образование, работа и создавање нешто конкретно, наместо кон празна самопромоција.
„Апсолутна глупост“
Актерот не го криел своето мислење за новите трендови во индустријата за забава и за брзата слава. „Кога слушам како луѓето велат дека инфлуенсерите ќе бидат ѕвезди на иднината, помислувам дека не знам во кој свет живеат, но сметам дека тоа е апсолутна глупост“, изјавил 59-годишниот Дауни Џуниор.

Тој се осврнал и на тоа како денес статусот на славна личност може да се создаде „без да се прави нешто друго, освен да се сврти телефонот кон себе“. Сепак, нагласил дека во тоа гледа и можност: „Не гледам на тоа како на негативна работа. Повеќе го гледам тоа како предизвикот за индивидуализација денес да е подигнат на повисоко ниво“.
На младите им испратил јасна порака: „Се надевам дека поголемиот дел од младите ќе кажат дека тоа не е за нив. Сакам да одам да работам нешто, сакам да направам нешто, сакам да изградам нешто, сакам да се едуцирам и да стекнам знаење, така што мојот краен производ нема да биде само некаква самофалбена инфлуенсерска работа“.
Евангелистички измамници на информациското доба
Открил и дека неговиот 14-годишен син неодамна накратко се занел со целата таа идеја.
„Малку го фати целата таа инфлуенсерска приказна и пред да сфатиш, разговорот оди во насока: ако ви се допаѓа како ја играм оваа видеоигра, сакате ли да ми испратите донација? И тоа навистина станува религија“, објаснил актерот, а потоа ја додал најострата споредба: „Има нешто во денешните инфлуенсери што ги прави речиси како евангелистички продавачи на магла на информациското доба“.

Сепак, го смирил тонот со признанието дека не сака да осудува цела генерација. „Од друга страна, поинаку е бидејќи играме на оваа нова територија, па тоа е неистражена граница и всушност не осудувам. Исто така знам дека, промовирајќи филмови, запознав неколку од тие инфлуенсери и открив дека многумина од нив се приземјени, остварени и кул луѓе“, додал тој.
Нова димензија и зајачка дупка
Иако на Инстаграм го следат повеќе од 58 милиони луѓе, главно благодарение на улогата на Ајронмен во Марвел универзумот, актерот се труди „да не оди предлабоко во зајачката дупка“, бидејќи „не сака да биде консумиран“.
„Луѓето знаат да ми кажат дека обожаваат кога изгледам опуштено и кога добиваат увид во мојот живот. А јас им велам дека би морал да го исценирам тој аспект за нив, па тоа е чиста глупост“, целосно искрено рекол оскаровецот.

На крај, се присетил и на моментот кога ја сфатил вистинската моќ на новите медиуми. „Се сеќавам на Џон Фавро кога ја објавивме најавата за првиот „Ајронмен“ на Комик-кон, тој твиташе од сцената и ја видов публиката… Тоа е таа нова димензија во која публиката ќе чувствува дека е во управниот одбор на целата приказна. Во ред, тоа е тој нов пејзаж“, заклучил актерот, кого од декември повторно ќе го гледаме во кината како Доктор Дум во филмот „Avengers: Doomsday“.











